Празна книга како авторски протест против ВИ

Илјадници писатели објавија необична „празна“ книга како протест против користењето на нивните дела за тренирање на вештачка интелигенција без дозвола. Околу 10.000 автори, меѓу кои и Нобеловецот Kaзуо Ишигуро, Филипа Грегори и Ричард Осман, се потпишале во книгата со наслов „Не ја кради оваа книга“. Во неа нема текст – само список со имињата на авторите.

„Не ја кради оваа книга“ се дели на посетителите на тековниот Саем на книга во Лондон како дел од кампања што бара подобра заштита на авторските права. Единствено нешто што го има во неа се 10.000 имиња на автори кои тврдат дека многу компании за вештачка интелигенција ги користат нивните книги без дозвола или надомест, за да ги обучуваат своите системи.

Иницијативата ја организира композиторот и активист Ед Њутон-Рекс, кој смета дека индустријата за генеративна вештачка интелигенција е изградена врз дела земени без согласност на авторите. Според него, тоа директно им ја загрозува егзистенцијата на писателите, бидејќи технологијата потоа создава содржини што им конкурираат.

Во исто време, британската влада разгледува можни измени во законите за авторски права – меѓу нив и предлог кој би им дозволил на компаниите за вештачка интелигенција да користат заштитени дела без претходна дозвола, освен ако авторите изречно не се изјаснат против. Тој предизвика силни реакции во креативниот сектор.

Писателите и издавачите бараат појасно правило: ако компаниите користат книги за развој на вештачка интелигенција, тие треба да побараат дозвола и да платат за тоа.

10 март 2026 - 20:18