Во Берлин

Голема ретроспективна изложба за Скорсезе

Во Музејот за филм и телевизија во Берлин вчера е отворена ретроспективна изложба посветена на Мартин Скросезе, за која режисерот прв пат ја има отворено неговата огромна архива.

Самиот режисер не присуствувал на отварањето затоа што во моментов го монтира „Волкот од Вол стрит", негов петти филм со Леонардо ди Каприо во главната улога, чие снимање беше одложено заради ураганот Сенди. Сепак на публиката ѝ се обратил со видео порака во која рекол дека е почастен што е тема на изложба чии постојани поставки се посветени на делото на такви икони на филмот како Марлен Дитрих и Фриц Ланг.

„Некои од предметите кои ќе ги видите се буквално симнати од ѕидовите на мојата куќа и канцеларијата", вели Скорсезе во аудио водичот кон изложбата. Наратор пак на германската верзија на водичот е Мајкл Балхаус, директорот на фотографија на некои од неговите филмови.

Збирката вклучува сценарија со ракописни белешки, кореспонденцијата со Роберт де Ниро во врска со неговите филмски ликови, постери и фотографии, рачно цртани стори-бордови за „Такси драјвер", вечерниот фустан на Кејт Бланшет од „Авијатичар", боксерските ракавици од „Разјарениот бик", кошулата извалкана со лажна крв на де Ниро од „Р'тот на стравот" и оделото на Ди Каприо од „Бандите на Њујорк". Сепак за обожавателите на Скорсезе најинтересни се интимните детали од неговото детство во Мала Италија на Менхетен - кујнската маса на неговите родители и нивните свадбени фотографии.

Изложбата ќе трае до 12. мај, а потоа продолжува кон Турин и Женева.

 

 

10 јануари 2013 - 11:59