„Луѓе кои не ја употребуваат технологијата на социјално прифатливи начини", или оние кои си играат со Гугл наочарите дур ти им го отвараш срцето, е тоа се глесхолс, или подвид 'шупаци'. Откако излезе текст на оваа тема во TechCrunch во јануари, овој збор почна почесто да се спомнува, а беше одбран како најпопуларен во месец март на сајтот Urban Dictionary.
Според авторот на споменатиот текст, армија глесхоли допрва ќе биде формирана кога наочарите ќе станат достапни на сите кои ќе сакаат да потрошат 1500 долари (колку што се проценува дека ќе чинат) за задоволството да изгледаат (и да се однесуваат) како киборгчиња, изолирани од остатокот од светот.
Но освен очигледните технолошки, социјални, психолошки и модни консеквенци, и оние во јазикот веќе се чувствуваат. Воведувањето нов збор значи дека феноменот е препознаен, иако како варијанта на веќе постоечко, неучтиво однесување. Книгата "Тhe Ascent of the A-word: the first sixty years" (Подемот на зборот на ш: првите шеесест години), за која веќе пишувавме, ја регистрира еволуцијата на зборот на кој се надоврзува глесхол, а кој во еден момент (седумдесетите на дваесетиот век) станал основна морална категорија која ги заменила постарите варијанти (барем во САД). Неговата употреба се засилила откако бил промовиран во тогаш популарните филмови, како оние со Клинт Иствуд или Вуди Ален.
Исто така постои јазична причина зошто „глесхол" звучи толку добро и прифатливо - комбинацијата glass/ass е нешто кое лингвистите го нарекуваат „задоволителна мешавина", бидејќи звуците на двата збора се преклопуваат.
Тоа што „глесхол" почнува да циркулира како збор/концепт засега може да одразува завист кон оние кои веќе ги имаат наочарите и се прават важни. Но наскоро ќе биде јасно дека глесхолс-ите не само што манифестираат повисок статус, туку дека и навистина живеат во свој социјален „меур", што не само што понекогаш не е учтиво туку е во најмала рака чудно. Полусвесниот израз на лицето кое го имаат оние кои носат Гугл наочари веќе има и свое име - glassed out, или по нашки човек со „стаклест поглед“.