Централниот лик во „Звукот на тишината“, Питер Лусијан, има необична професија - „штимер на живеалишта“. Со образование од областа на музичката теорија, опремен со звучни вилушки и ретро аудио опрема, тој ги истражува становите на неговите клиенти, во потрага по „нешто“ што ја нарушува звучната хармонија и им предизвикува психо-физички проблеми. Тоа понекогаш е фрижидер кој испушта дисонантна врева, подови кои непријатно крцкаат или радијатори низ кои се движи вода. Откако повторно ќе ја воспостави акустичната рамнотежа, и животот на луѓето веднаш станува поврамнотежен.
Лусијан е портретиран како типичен „луд научник“ кој зборува и се движи тивко низ градските простори, кои во неговиот ум формираат звучна мапа. Секое место има своја „интонација“ која го одредува однесувањето на оној кој престојува во него. Овој аудио детерминизам според него е основа на сите животни одлуки, и е особено опасен со оглед на тоа што мнозинството луѓе не се воопшто свесни дека се под влијание на „невидлив“ извор на звучно загадување.
Во желбата да ги отвори ушите на човештвото по ова прашање, тој се обидува да ги објави своите истражувања во престижно научно списание New American Journal of Sound. Но „експертите“ го третираат како фрик - како може це-мол да биде „звук на резигнација“? А токму него го слуша во стан на клиентка чиј проблем изгледа нерешлив, затоа што се состои токму во тишината предизвикана од заминувањето на нејзиниот љубовник.
Единствена заинтересирана за откритијата на Питер е компанија која се занимава со продавање мултимедијални пакети за креирање релаксирачка домашна атмосфера. Но тој одлучно ја одбива понудата да учествува во една таква манипулација, останувајќи меѓу своите резонатори, диктафони и звучни вилушки.
Филмот е на моменти бавен и буквално мрачен - натопен во кафени, песочни тонови. Но негов најголем квалитет е токму звукот, кој ќе продолжи да ве следи и откако ќе го изгледате. Во форма на ммм-кањето на полначот за мобилен, буууу-то на вентилаторот на лаптопот или гласното, дисонантно пеење на комшијата, што ја пара маалската празнична тишина.
Илина, Букбокс