Еден од термините кои се појавуваат во некролозите посветени на Кјаростами, а кој би требало да го опише неговиот режисерски стил е „наративна економија" - филмски јазик кој остава големи празнини во описот на ликовите и контекстот, а кои треба да ги пополни гледачот, само врз основа на назнаки, но не и на упатства, кои се состојат од звуци, гестови и тишини.
Со вакво нагаѓање почнува и гледањето на „Вкус на цреша" - добри дваесетина минути сме затворени во автомобил со неговиот возач, обиколувајќи го Техеран, барајќи некого или нешто, наслушнувајќи низ полуотворениот прозорец муабети кои доаѓаат од улицата и загледувајќи се во ликовите на минувачите. По некое време станува јасно дека г-дин Бадии, како што се вика главниот лик, бара човек за да му заврши некоја важна работа, за којашто е подготвен да плати добри пари. И повторно возење, и повторно неизвесност, нагаѓање за тоа за каква задача станува збор.
Картите се отвораат кога во автомобилот седнува млад курдски војник, кој стопира до блиските воени бараки. Откако речиси иследнички го испитува (кој е, од каде е, дали му се потребни пари итн.) Бадии му нуди богата награда доколу следниот ден, во шест наутро, дојде до одредено место (до кадешто и го вози, за да му го покаже), дупка среде никаде до којашто има дрво за полесно распознавање на локацијата. Таму би требало да го повика, два пати, и доколку Бадии не одговори, тоа ќе значи дека е мртов, и дека треба врз него да фрли 20 лопати земја.
Простодушниот Курд сфаќа дека се работи за планирано самоубиство и преплашен дека така ќе стане соучесник бега од автомобилот. Следен потенцијален помошник е „семинарист", студент по теологија од Авганистан, кој пак не сака да се нафати на работата заради грешноста на одземањето на сопствениот живот. И како во некоја бајка, третиот соговорник, кој работи како таксидермист во локалниот природо-научен музеј, е оној кој прифаќа да помогне, затоа што му се потребни пари за болното дете.
Тука се случува и филозофската кулминација на филмот - кога таксидермистов сфаќа дека Бадии сака да се убие (иако во ниту еден момент не станува јасно и зошто), тој му раскажува приказна за сопственото неуспешно самоубиство. Кога бил млад и тазе оженет имал многу проблеми со кои мислел дека не може да излезе на крај. Зел јаже, заминал надвор од градот на некакво поле со дудинки, и на една од нив обесил јаже. Но пред да се обеси и самиот, пробал од зрелите и сочни плодови. Една дудинка, па уште една. И уште една. Наскоро под дрвото се собрале деца кои побарале и ним да им набере. На крај се вратил дома со полни раце овошки, кои со сласт ги изела неговата жена. Во неговиот понатамошен живот ништо магично не се променило, но се променил неговиот став. Како во вицот којшто тој самиот го раскажува - ако се допираш со прст по различни делови од телото и секаде те боли, не е до стомакот, до ногата или до главата, мора да е до прстот. Ако кога ќе помислиш на што и да е те боли, мора да е до умот. „Не сакаш повторно да се напиеш вода од студен извор? Не сакаш никогаш повеќе да почувствуваш вкус на цреша?" - се неговите аргументи со кои сака да го предомисли својот сопатник.
И во моментот кога мислиме дека Бадии ќе се oткаже од намерата, тој сепак ги пие апчињата за спиење, и во прекрасниот самрак кој натежнува над градот легнува во дупката. Наскоро целиот екран е црн, од време на време само осветлуван од грмотевици. Бадии сега е со затворени очи. И не знаеме дали ќе се разбуди.
Но ова не е крајот на филмот. Тој всушност завршува со документарна снимка од снимањето на една од сцените и звуците на трубата на Луј Армстронг, практично првата (западна) музичка илустрација во целиот филм. Ваквиот завршеток е тема на бројни анализи, кои главно го толкуваат како порака за врската помеѓу гледањето филм и живеењето, дека првото дозволува, кога салата ќе се затемни, да одсонуваш нечиј туѓ, или свој сон, за миг да „умреш", да се препуштиш на некоја друга реалност, за потоа можеби физички нечепнат, но сепак некако променет, да се вратиш во оваа. Филмот како обред на премин, прочистување, просветлување. Кое доколку внимателно го гледате овој филм можеби ќе го доживеете.