Лоцирана близу Лондон, зградата за којашто станува збор има 40 катови, супер маркет, фитнес сала и базен, брзи лифтови и училиште. Сето ова прави нејзините жители да не мораат да излегуваат надвор, освен од време-на време да фатат малку сонце на терасите. Станарите, организацијата и начинот на живот во зградата ги запознаваме преку доктор Роберт Ленг (го игра Том Хидлстон), тазе вселен на 25-тиот спрат, притиснат помеѓу непријателски настроените „горни" и „долни" жители.
И покрај навидум идентичната локација, становите се разликуваат во големина и опременост, а се разликува и нивниот социјален живот. Оние на повисоките катови организираат, на пример, „бал под маски" во БАРОКЕН стил, додека тие од подолните главно пијат, се дрогираат или се фрлаат сосе облека во заедничкиот базен (веројатно метафора на нивното генерално „тонење" во долгови).
Архитектот на целиот проект, и во буквална и во фигуративна смисла, е Ентони Ројал (Џереми Ајронс), кој со жена му живее на врвот на зградата, каде има огромна ливада и мала зоолошка градина. Иако „карактерот“ на зградата е сочинет од повеќе поединечни приказни на нејзините жители, таа истовремено како да има и свој живот, мрачен и демонски, кој од луѓето кои живеат среде сиот тој бетон во еден момент прави насилници. Мртви тела на крајот на филмот има насекаде, a докторот на ражен на сопствената тераса врти нога од нечие кучешко милениче.
Тоа што филмот е хаотичен и тежок за следење можеби е намерен обид за отсликување на атмосферата која владее во зградата. Критичарите велат дека тоа се должи на фактот што, за разлика од Балард, режисерот Бен Витли не е „антрополошки дистанциран" од темата, туку сепак покажува жалење за распадот на нешто што можело да биде цивилизациски чекор напред, или во случајов повеќе нагоре, кон небесата. Тој дејството не го сели во некоја замислена иднина, туку го остава во 1975, дизајнирајќи го филмот во ист таков, брутилистички стил, во каков што е правена и висококатницата.
Сатира, пророштво, предупредување, класна критика - филмот ги потсети Британците на она што им го порача Балард уште пред неколку децении, со сите политички и социјални конотации на неговата приказна. Притоа, врската на архитектурата со идеологијата е повеќе од јасна. И покрај заживувањето на необруталистичкиот стил во современата архитектура (за чии добри страни пишувавме тука), барем во светот за којшто зборува Балард тој е симбол на пропаднатата амбиција на некогашните архитекти, кои затворајќи ги луѓето во бетонски кафези сакале да им обезбедат технолошки напреднат и наводно подобар живот.
Одлуката на Ројал да живее во сопствената градба набљудувајќи ги оние под него како заморчиња не е само метафора. Во 1967 архитектот со унгарско потекло Ерно Голдфингер се вселил на највисокиот кат во лондонскиот Ист енд, во кулата Балфрон кој самиот ја имал проектирано, иако со малку поинаква цел - да ја врати довербата во животот во висококатниците по инцидент во кој една друга слична градба била евакуирана заради експлозија на плинска печка. Но за разлика од Ројал кој до крајот не ја напушта зградата, Голдфингер откако ги запознал и интервјуирал станарите во неговото „чедо", го напуштил за да си живее во куќа на улицата Вилоу број 2, која денес е музеј.
Како што пишува Економист на оваа тема, голем број бруталистички згради во Британија или се веќе уништени или се претворени во скапи приватни објекти, кои ја евоцираат естетиката на седумдесетите. „Романот на Балард, изгледа, е поактуелен од кога и да е", заклучува текстот. Дали бруталноста е некакво анимистички својство на градбите, или таа е сепак во оние кои нив ги создаваат? Изборот помеѓу лажен барок и брутализам во оваа смисла и не е толку лесен колку што изгледа на прв поглед. Зависи од станарите, и од оној на врвот.