Бен Кеш (Мортенсен) и неговите шест деца живеат далеку од цивилизација, во шума на американскиот северо-запад. Секое со име кое е одбрано така за да биде единствено во светот, на возраст од осумнаесетина до пет, тие се подложени на строг режим, кој подразбира физички тренинзи за преживување во природа, ракување со оружје, палење оган со кремен, но и наставна програма која е на ниво на докторски студии. Лектири се „Браќа Карамазови“ или „Оружје, бактерии и железо“ на Џеред Дајмон, се дискутира современа американска политика, квантна физика, а секој интелектуален фол, како користење на зборот „интересно“ кога се оценува книжевно дело, се казнува со исмевање од останатите. Од празниците се одбележува единствено „Денот на Ноам Чомски“, кога децата (па и најмалите) на подарок добиваат ножеви, лакови и стрели или прирачници за секс.
Најважниот родителски принцип во ова необично семејство е оној на искрен одговор на секое детско прашање, па и на оние „чувствителните“. Во тој стил, откако мајката на која ѝ е дијагностицирано биполарно нарушување си го одзема животот во болница, тоа на децата им се соопштува отприлика вака: „Мајка ви си ги пресече вените. Но нашите животи одат понатаму“.
По солзите следи гневот на некои од децата, кои го обвинуваат таткото дека со начинот на живот кој го наметнува довел до таквата ситуација. Како некакво оддолжување, тој треба да ги одведе на погребот, и истиот всушност да го спречи - мајката во својот тестамент изрично бара будистички погреб, со кремирање, после кое пепелта би била фрлена во првото јавно ВЦ.
Но бабата и дедото имаат поинаков план и се закануваат дека доколку Бен се појави на погребот ќе повикаат полиција. И покрај ризикот тоа да се случи и тој да загуби старателство над децата, тие решаваат да ја изведат мисијата.
Патот до Ново Мексико во нешто што личи на школски автобус претворен во подвижен дом, е мала лекција по анархизам и антиконзумеризам - секое минување покрај билборди или големи трговски центри е повод за антикапиталистички коментари. Под мотото„Ослободи ја храната!“ децата вежбаат тимско крадење, додека таткото глуми дека има инфаркт. Но вистинската разлика во начинот на живот помеѓу децата и нивните врсници станува очигледна кога тие застануваат на вечера кај тетката на децата и нејзиното семејство. Неискреноста, табуизирањето на смртта, ѕврцкањето на мобилните се дел од „топлата“ атмосфера на масата, која е нарушена откако Бен отворено зборува за болеста на жена му и на децата им дозволува да пијат (по малку) вино. На забелешката дека на неговите деца им треба социјализација и „вистинско“ образование тој ја соочува неговата најмала ќерка со двајцата нејзини братучеди-тинејџери, кои треба да одговорат на прашањето - што е тоа Повелба за права на човекот (Bill of Rights). „Некаква сметка?“, тропа едниот, а другиот го корегира со „Тоа беше нешто со владата“. Петгодишното дете потоа им држи час по историја, право и општество.
Но самоувереноста на таткото паѓа во вода после неколку инциденти, меѓу кои и нивното протерување од погребот. Неговата несигурност ја искористуваат богатите баба и дедо, кои нудат посвојување на децата. И кога мислиме дека тој со автобусот заминува и ги остава на милост и немилост на базените и видео игрите, излегува дека децата се скриле на дното на автобусот. Мисијата сепак ја исполнуваат - ја ископуваат мајка си и ја кремираат според нејзината желба, а пепелта ја истураат во ВЦ во трговски центар. Во следната сцена тие се во нов дом, со голема градина каде произведуваат органски овошја и зеленчук, се уште по малку „диви“, но сега веќе вклопени во системот, со школски автобус кој им застанува пред врата.
Филмот е симпатичен, со убави актери, шарени бои, лежерност и „хипи“ атмосфера. Но навивањето за алтернативниот начин на живот на авторите е толку очигледен, што моментите на прекршување кај таткото и неговите сомнежи во тоа дали исправно постапува со децата се прилично неубедливи. Крајот би требало да е утеха - дека е возможен компромис меѓу романтичниот русоовски идеал за „враќање кон природата“ и градењето слободни луѓе кои нема да бидат зависни од каприците на системот (кој и да е тој) од една, и роботизираниот, механички живот на современиот човек од друга страна. Да живееш среде загадено Скопје, ама да имаш до тебе продавница за органска храна од Холандија. Да го читаш Достоевски и да разбираш квантна физика во основно, ама сепак да издржиш а да не го запалиш учебникот по општество за четврто, за да не бидеш прогласен за „неприлагоден“. Да бидеш и радикален, и подготвен на компромиси.
Филмот начнува многу интересни теми, но самиот потоа кокетира со оние кои би можеле да го доживеат како политички некоректен. Така, на крај не сме баш сигурни, дали сме среќни што децата веќе нема треба да колат елени и да се пентарат по опасни карпи, или сме тажни токму заради тоа.
Илина, Букбокс