Почетокот, а и поголемиот дел од „Нејзина работа“ (Her Job), географски може да биде сместен на различни ширини и должини, а повторно да биде препознатлив, и како проблем, и како емоција. Тој може да функционира секаде каде досегнала долгата рака на капитализмот (а каде не?), и каде прилагодувањето на експлоатацијата која таа ја подразбира резултира со нарушување на воспоставените социјални односи и на утврдената семејна хиерархија.
Токму тоа се случува во животот на Панајота и Костас, и на нивните две деца. Додека од радиото се слушаат вести поврзани со рецесијата, протестите и поскапувањата, тие се обидуваат да врзат крај со крај во ситуација во која со „50 евра може да се купи само една мастика“. Ова особено се одразува на нивната ќерка - тинејџерка Георгиа, која така полничка и постојано лута на родителите и на светот на момент е крајно симпатична, за веќе во другиот да стане олицетворение на сиот гнев и немоќ на нејзината генерација.
Иако откако дошла од село Панајота не работела, очајните времиња бараат очајни решенија. Описменета доволно колку да се потпише и да го прочита дневниот хороскоп, таа успева да се вработи во новоотворен (француски) супермаркет како чистачка. Работата не е лесна, но таа е среќна што е излезена од дома и корисна. Малата правосмукалка ја заменува со огромна машина за чистење, од оние кои како тракторчиња го гланцаат подот, и иако нејзината лага дека знае да вози е прилично очигледна, набргу ја совладува и оваа вештина. Прв пат во животот отвара и сметка во банка и со растреперени прсти успева да извади пари од банкомат. Помеѓу колешките стекнува и пријателки, иако со дел од нив многу бргу мора да се збогува, бидејќи кратења на работните места има постојано.
Но Костас не е среќен поради заменетите улоги и погледот на комшиите додека пие кафе на тераса во работно време. Ако ова можеби не би било проблем во „развиениот“ западен свет, во патријархална Грција е тежок удар по мажественоста на „главата“ на семејството. Неговата забелешка Панајота да не се занесува многу-многу со новостекнатата еманципираност, затоа што секој момент може да биде отпуштена, се остварува како клетва. Дали и покрај сè таа ќе излезе од приказната посилна отколку што била претходно?
Филмот кој главно се потпира на рамениците на актерката Мариша Триантафилиду во улогата на Панајота, е реалистичен, смирен, по малку тажен, како огромен трговски центар по работно време, кога низ неговите ходници се слушаат само звуците на правосмукалките. Иако, како и жената чија судбина ја отсликува, и тој нема големи амбиции, сепак претставува топол и трогателен портрет на една мајка и сопруга, која парадоксално се самоостварува дури и низ работа која е симбол на пониженост и експлоатација.
Филмот е на програмата на Фестивалот на грчки филм и култура организиран од Киненова во сабота, 26.10 од 20 часот во кино Милениум.
Илина, Букбокс
Целосната програма на фестивалот:
Четврток, 24.10, од 20,30 часот, кино „Милениум“ „Витез“ на режисерката Атина Цангари (Букбокс осврт за овој филм тука)
Петок, од 18 часот „Смак“ на Елијас Деметриу, а во 20 часот во МКЦ ресторанот, познатиот грчки композитор и текстописец Фоивос Деливориас ќе одржи ексклузивен концерт на чиј репертоар ќе биде филмска музика од грчки филмови.
В сабота, од термините 18 и 20 часот се филмовите „Следна станица: Утопија“ и „Нејзина работа“. В недела на репертоарот на фестивалот се филмовите „Неправеден свет“ и „Поликсена“.
За сите информации следете го ФБ профилот на Киненова
Претходни грчки филмови во Букбокс гледанка:
„Исончаност“