Поновата грчка кинематографија, нам позната преку „западните“ успеси на Лантимос (за неговиот „Јастог“ осврт тука) и на неговата соработничка, продуцентката и режисерка Атина Рејчел Цангари (за нејзиниот „Витезот“ тука), во последниве неколку години како да доживува процут. „Исончаност“ е најсвежата илустрација за ова - одлично водена приказна за машката средовечност, сексуалната опсесија и непремостливиот генерациски јаз.
Во нејзин центар е докторот Костис (го игра Макис Пападимитру, кој глумеше и во „Витезот“), дојден од „големиот град“ на малиот Антипарос, островот на кој поголемиот дел од годината има 800 жители и градо (или повеќе острово) началник. Тие зиме колективно хибернираат, за на лето социјално, економски и сексуално да живнат.
Токму такво „живнување“ и му се случува на Костис, низок, ќелав, дебеличок и симпатично „мечест“ четириесет-и-нешто годишник, кога во ординацијата на самиот почеток на летото треба да дезинфицира рана на згодна девојка која паднала од веспа. Ана има 21 година, палава е и има намера летото да го помине „како да нема утре“. Во момент на непромислена каприциозност таа го кани докторот да му се придружи на нејзиното друштво. Така, Костис почнува редовно да ја посетува нудистичката плажа на островот (додуша за разлика од останатите облечен, плус капче, плус крема за сончање), редовно им купува студено пиво, плаќа влез во дискотеки, и се обидува да држи чекор со младешкиот дух на новостекнатите пријатели, истовремено третирајќи по четириесет пациенти дневно.
Она што се насетува уште на почетокот од оваа дружба, станува сè поочигледно - Костис се заљубува до уши во девојка која и генерациски, и културно припаѓа на сосема друг контекст, во кој не важат емотивните и моралните норми на кои тој е растен. Расколот помеѓу она што за докторот се подразбира, и она како функционира нему непознатиот, нов и „храбар“ свет, е основа за трагедијата која ја сведочиме. Ако филмот има маана, тоа е што на моменти тече пребавно, со чести тапкања во место, за нарација која е прилично јасно каде кинисала - прашањето е само како ќе се разреши. Ликовите се еднодимензионални, без историја - не знаеме што му се случувало претходно на Костис, од каде му е меланхоличната аура, дали претходно имал некоја голема љубов, има ли родители и пријатели во градот? Освен возраста, ништо не знаеме ни за Ана, од каде е, дали студира или работи, дали се однесува подеднакво „хај-хуј“ и кога не е лето? Можеби токму ова и е целта на режисерот и ко-сценарист Аргирис Пападимитропулос, да прикаже свет во кој под наводната лефтерност и површност лежат неочекувани, мрачни подруми на човечката душа, од каде знаат да изнуркаат одмаздољубиви чудовишта.
Кога во последната, најсилна сцена во филмот Костис се обидува повторно да ја зашие раната на Ана, тој како да се обидува да ја исцели и раната на нашата современа цивилизација. Да ја дезинфицира со јод, и потоа бод по бод да ја затвори. Со надеж дека таа нема да продолжи да работи и да инфицира, од внатре.