Букбокс гледаше: „План 75“ (2022)

Овој јапонски филм беше прогласен за победник на неодамна одржаниот Филозофски фестивал во Скопје. Зборувајќи за свет во кој нема место за остарените, тој всушност длабоко задира во начинот на кој општеството ги вреднува своите до скоро највредни поединци - прогласувајќи ги за „вишок“ и поттикнувајќи ги на доброволно самоубиство за општо добро.

„Убасуте“ (напуштање на стара жена) или „ојасуте“ (напуштање на родител) е митска практика на сеницид во Јапонија, според која престарен роднина е носен на планина или на некое друго изолирано место и е оставан таму да умре. На оваа практика на исклучителен начин се осврнува јапонскиот филм од 1983, „Балада за Нарајама“.

И во балканската традиција постои легенда за „лапот“ - ритуално убивање на старите луѓе тогаш кога тие веќе не можат да придонесуваат за доброто на заедницата, туку само залудно ги трошат нејзините ресурси. Тоа, така вели приказната, се правело со носење на стариот надвор од селото и негово удирање со тежок предмет по глава на која претходно е ставана ритуална погача. 

Во собраните фолклорни материјали од Македонија на полскиот антрополог Јозеф Обрембски постои приказна „Убивање на стариот“ според која „некогаш“ постоел обичај на колење на старите. На еден син му било жал да го заколе татка си па го скрил во визба. Во еден момент царот го собрал народот и побарал да му се направи јаже од песок, заканувајќи се дека во спротивно сите ќе ги убие. Синот резигниран оди да се прости со татка си но овој му дава добар совет - да побара од царот урнек за јажето. Царот познал дека досетката е од некој поискусен и тогаш рекол: „Ете како требет старите. Да беше го немал скриен татко ти да те научи тој тебе, ја све ќе да би искоља“. Слична приказна има и кај Цепенков под наслов „Кога ги колеле од 75 години“. 

Очигледно возраста од и по 75 е таква кога падот на физичките и менталните моќи во сите култури се смета за биолошки но и социјален меѓник помеѓу категориите возрасен, стар и престарен. И покрај тоа што формално културата поттикнува нивно почитување, во реалноста старите знаат да бидат семеен и општествен проблем, особено во земји со низок природен прираст и здравствен систем кој не може да го издржи товарот на нивните старечки маки.

Сместен во блиска дистописка иднина, „План 75“ на Чие Хајакава ја опишува Јапонија како земја во која старите можат да одберат доброволно самоубиство, извршено во услови кои барем на рекламните флаери звучат како одење на долго посакувано луксузно патување. 

Мичи е возрасна жена која ја губи својата работа во хотел на почетокот на филмот. Муштериите се жалеле дека им е греота да гледаат како стара жена се уште работи. Всушност ова за неа значи смртна пресуда, затоа што без работа не може да најде стан, а е премногу горда да прифати социјална помош. Деца нема, а и на оние броеви каде што врти (веројатно кај роднини) никој не ѝ ги возвраќа повиците. 

Паралелно со нејзината дилема дали да се придружи на „Планот 75“ ѕиркаме и во приказните на оние од другата страна - вработените кои треба да обезбедат висок процент на стари кои не само што ќе се согласат туку и ќе издржат до крај во својата одлука да умрат. Телефонистка во контакт центарот на компанијата им нуди психолошка поддршка на муштериите, на кои им следат по 15 минути да си ги кажат маките, време кое главно го користат на евоцирање спомени. Имигрантка од Филипини е ангажирана за работа која Јапонците не би ја прифатиле - соблекување на мртвите тела и нивна подготовка за кремирање. 

Низ филмот провејуваат и суптилни детали кои можат лесно да останат незабележани, како тоа дека План 75 ја продава пепелта на компанија за рециклирање. Тој никогаш не завлегува во водите на хоророт, туку остава да крчка на тивок оган идејата за ниската вредност на животот на луѓе врз чии плеќи се градела денешнината, што кај гледачот не резултира со гнев туку повеќе со резигнација. И ништо од она што се случува во филмот не најавува дека, како во горната народна приказна, „царот“ ќе се премисли. Напротив, владата размислува за намалување на возраста на 65. 

Илина, Букбокс

17 јуни 2023 - 10:57