Алексеј Балабанов шокираше со својот „Товар 200“ (осврт тука), кој се однесуваше на настаните поврзани со советско-авганистанската војна од 1984. Иако во него не видовме ништо од војната, она што се случува во земјата не беше помалку брутално од она што се случува на фронтот: конфликт на генерации, раскинување на социјалното ткиво, тоталитарно владеење, морален пад.
„Морфиум“ е направен една година по „Карго“, врз основа на автобиографската збирка раскази „Записи на младиот лекар“ на Булгаков, кој исто како и Чехов имал медицинско образование а за време на Руската револуција почнал да работи во мала селска болница во регионот на Смоленск. Далеку е од контроверзноста на претходникот, но општествената критика е се уште присутна, иако хронолошки поодалечена и географски изолирана.
Годината е 1917, а младиот лекар Михаил Алексејевич Пољаков среде бистар зимски ден пристигнува на железничка станица на неименувано село, за да го замени својот непролетерски настроен претходник, кој и покрај своите медицински успеси морал да замине. Сите, особено болничарките, му се радуваат, бидејќи конечно ќе има некој кој ќе помогне да се излезе на крај со купот пациенти - бремени жени, луѓе со самонанесени повреди среде пијанство, девојки со пресечени нозе од единственото превозно средство - санките или жени со патолошка бременост. Дијагнозите на пациентите се и најчестите наслови на филмските поглавја, кои најавуваат и предупредуваат што ќе се случува во нив: „Прва ампутација“, „Трахеотомија“, „Прва инекција“.
Последново сепак не се однесува на пациент, туку на самиот лекар. По давање вештачко дишење на човек заболен од дифтерија, тој мора да биде вакциниран, но добива алергиска реакција. За да си ги намали болките ја моли сестрата да му даде морфиум, но по првата инекција следи втора, па трета. Наскоро не само што тој станува зависник („морфинист“ - дијагноза која е очигледно честа во тој период), туку во тоа ја вовлекува и лојалната болничарка. Неговото однесување многу бргу се менува - од посветен и хуман доктор, кој иако без искуство храбро пристапува кон интервенциите, станува и физички и психички истоштен, алчен и манипулативен. Морфиумот така станува симбол на ескапизмот, но и на истовременото намалување на емпатијата кон болката на другите - наместо решение, нов проблем на заедницата на која ѝ треба помош од ретките луѓе како Михаил.
Во филмот тој го завршува животот на поинаков начин отколку реалниот Булгаков, кој починал oбидувајќи се да ја објави „Мајсторот и Маргарита“ од болест на бубрезите. Но сивилото на реалноста на СССР во текот на неговиот живот е буквално пренесено во мрачните пејзажи од кои демнат крволочните волци. Морфиумот помага во соочувањето со нив, но само до моментот кога тие ќе се преселат од надвор, внатре.
Илина, Букбокс