Пет години по почетокот и скоро исто толку до крајот на Советско-Авганистанската војна. Од регрутираните 100.000 советски војници, дома во поцинкувани сандаци се враќаат 14.500. Телата се пренесуваат со воздушен транспорт, под кодно име „Товар 200“, кое најверојатно потекнува од наредба број 200 издадена од страна на Министерството за одбрана на СССР од октомври 1984.
Истоимениот филм на Алексеј Балабанов се одвива токму таа година, во текот на кулминацијата на судирите. Иако не гледаме ништо од војната, она што се случува во земјата не е помалку брутално од она што се случува на фронтот: конфликт на генерации, раскинување на социјалното ткиво, тоталитарно владеење, морален пад.
Во фокусот е вистинска приказна за киднапирање и силување на девојка - ќерка на висок функционер во партијата - од страна на полицаец-психопат. Но и споредните ликови и нарации не се ништо повесели, и ја сочинуваат сложувалката на контекстот во кој е можно да се случат нешта како опишаните. Клучот за толкување на пораката се наоѓа во дијалогот помеѓу професор по научен атеизам на Ленинградскиот универзитет и некогашен осуденик за убиство кој препродава домашно правен алкохол, а кои случајно се среќаваат во изолирана колиба среде никаде. Додека првиот ја нарекува религијата примитивна, а моралот кој таа го проповеда мотивиран исклучиво од страв од прекршување на табуата, вториот го исмева „сознанието и материјата“ како основа за моралниот лик на граѓанинот.
„Ако нема Господ, тогаш сè е дозволено, ти текнува?“, му вели домаќинот Алексеј на професорот Казаков, кој цврсто се држи до тоа дека не само што нема сила над човекот, туку дека и човекот нема душа.
Уште тогаш, во првите дваесетина минути од филмот, се насетува дека Бог е или веќе мртов, или на умирање. Па сепак, она што следи може да го изненади дури и оној кој бил љубезно предупреден дека филмот не е за луѓе со тенки нерви. Колибата станува точка во која, како на театарска сцена, најпрвин се разминуваат а потоа засекогаш се преплетуваат неколку човечки судбини. Сиромаштијата, војната, апсурдноста, безбожноста, влијае на сите, но најмногу на младата генерација, која е закопана во метафоричен сандак од цинк дури и кога никогаш не го помирисала бојното поле.
Заплетот на филмот наликува на романот на Фокнер, „Светилиште“, од 1931, кој раскажува за грабнувањето и силувањето на Темпл Дрејк, девојка од добра фамилија од Мисисипи, во текот на прохибицијата. Но ова не е американскиот југ во 1929, туку СССР во 1984, со урбаното сивило, зачаденоста на индустриските предградија и студенилото на погледите на водачите од врамените портрети по канцелариите. Мувите кои се котат околу купот мртви тела при крајот на филмот се јасна симболика - тука е нешто труло, и уште долго ќе остане такво.