Изгледа неодминливо секој осврт за филм кој се одвива во ресторанска кујна да почне со референца на Ентони Бордејн, и неговата автобиографија „Доверливо од кујната“. Со поднаслов МРАЧНИТЕ страни на кулинарството, таа претставува документарна поткрепа на секаква фикција, за наводно измислени готвачи и су-шефови, лупачи на зеленчук, мијачи на садови и „зестери“ (да, имало и таква позиција, луѓе што само рендаат кори врз готови оброци), кои - ете Бордејн ни потврдува - мора и реално да постојат, зад ротирачките врати на ресторанот во којшто наивно мислите дека владее спокој и кулинарска хармонија.
Всушност, атмосферата тука најчесто е френетична, ненаспана, анксиозна, фрустрирана, до степен што е практично чудо што од таа просторија знаат да излезат естетски и сензуално прекрасни дела. Можеби од хаосот навистина се раѓаат најдобрите креации, па и оние што се јадат?
Осумте епизоди од нешто што засега се води како прва сезона на „Мечката“ (The Bear) е приказна за Кармен „Карми“ Берзато (од тука и играта на зборови со ’бер’), кој од еден од најдобрите њујоршки и светски ресторани се сели во сендвичарска “дупка“ некаде во Чикаго, обидувајќи се да воспостави ред и да ги превоспита вработените. Мотивот е длабоко интимен - дотогашниот газда на сендвичарата е неговиот брат, зависник, кој неколку недели пред пристигнувањето на Карми се застрелал на блискиот мост. Зад себе оставил куп нерасчистени сметки, несредени фајлови и тефтер со „кодирани“ чкртаници кој никој не може да ги дешифрира. На изненадување на сите, ресторанот со тестамент му го оставил токму на Карми, со кого се немале видено со години.
Дури и во посредени околности ресторантската работа е сигурно стресна. Но во затекнатите околности, каде никој од вработените не сака да се откаже од старите навики и бара начин да ги исфрли од игра новодојдените - како су-шефицата обучена во CIA, ама не таа ЦИА - нештата добиваат личен тон, и нема ни „а“ од авторитет. Она што го има е постојана тензија, дерење, клаустрофобичност и толку динамична камера што дури и на крајот од серијата не можете да се заколнете како физички изгледа местото во коешто и вие сте биле „заробени“ осум епизоди, со сите ходничиња, фрижидери за длабоко и помошни простории.
Но ова не е единствениот елемент што сугерира на некаква документарност. Кога ликовите зборуваат меѓу себе тоа не звучи како некој да седнал и да го пишувал, туку како тие навистина да си прават муабет, со сите „вишоци“ и шлајфувања во место што би ги подразбирал таквиот нормален говор. Дијалогот не е тука толку за го движи дејството кога тоа не може да се направи со слики, туку е рамноправен играч со сите останати елементи. А тие се мешавина од звуци, бои, добра музика и храна, многу храна, која ептен би сакале да ја вкусиме.
Илина, Букбокс