„Гласот на неговиот господар“ е слика од крајот на 19 век на англискиот уметник Франсис Барод (Francis Barraud). Во 1899 таа е откупена од тогаш новоформираната Грамофонска компанија и адаптирана како лого на американската експозитура на истата фирма, Victor Talking Machine Company (подоцна RCA Victor).
Кучето, териер-мешанец по име Нипер, најпрвин припаѓал на братот на Барод, Марк. Кога овој починал, Франсис го наследил Нипер, заедно со цилиндричен фонограф и снимки на гласот на брата си. Кога кучето ќе го слушнелo гласот на својот починат господар се залепувало до „трубата“ и со чудење ја вртело главата. Франсис одлучил да ја прикаже оваа трогателна сцена, која потоа станала препознатлив заштитен знак.
Но помеѓу оригиналната слика и онаа која вообичаено ја гледаме на плочите издадени под различни етикети, има една битна разлика. Она на што се поставени и кучето и фонографот на неа не е ниту под, ниту маса, туку нешто што неодоливо потсетува на мртовечки ковчег. Ова и има смисла, со оглед на споменатата приказна за мртвиот сопственик и кучето кое тажи по него слушајќи го неговиот глас.
Кученцето го добило името бидејќи често неконтролирано се врткало околу нозете на посетителите радувајќи им се, а притоа богами некогаш и ги касало (од англиското nip - брза, каса). Умрело од природна смрт на 11 години и е погребано во парк во Кингстон на Темза каде и живеело последните години. Подоцна тука е изграден голем објект, но на него стои плоча посветена на кучето, по кое е именувана и улица во градот.
Интересно е дека сликарот Барод, откако го направил „портретот“ на Нипер со фонографот сметал дека негов најлогичен купец би била компанијата Едисон-Бел, која го имала патентот за него. Но тогашниот директор Џејмс Хју, откако му била презентирана сликата, реагирал со: „Кучињата не слушаат фонографи“.