Ливија Томова, когнитивна невронаучничка од МИТ, и нејзините соработници, извеле студија во која 40 учесници требало да не јадат десет часа. На крајот од денот, на главните субјекти им биле покажувани слики од пица и чоколадни торти истовремено додека им биле скенирани мозоците.
Во втора рунда од експериментот, на субјектите им бил ускратена социјална интеракција - да не се видат со никого, но и да немаат ни виртуелен човечки контакт - исто така во тек на десет часа. Потоа, им биле покажувани слики на луѓе кои се дружат или спортуваат како тим, и повторно мозоците им биле скенирани. Скеновите откриле дека и кога станува збор за храна, и кога станува збор за социјални интеракции, се активира истиот дел од мозокот. Во обете ситуации тоа биле невроните во средниот мозок, познат како „мотивациски центар“, кој произведува допамин, популарено наречен „хормон на среќа“.
Испитаниците опишале и како се чувствувале - по еден ден нејадење тие станале раздразливи и имале интензивни мисли поврзани со храна. По социјална изолација се чувствувале осамено и несреќно и копнееле по некаков контакт.
Студијата, чии резултати беа објавени на 23 ноември во Nature Neuroscience, обезбедува емпириска поддршка на идејата дека осаменоста дејствува како сигнал - исто како и гладот - која на поединецот му укажува на некаков недостаток и на потреба да се реагира во однос на него. Исто така, таа сугерира дека социјалната интеракција не е само нешто што го правиме за забава или за утеха, туку дека таа е базична човечка потреба.
Она што се случува во текот на пандемијата само се надоврзува на растечкото чувство на осаменост кое веќе постоеше и пред неа. Доколку осамата е одбрана намерно и доброволно, таа може да има позитивни ефекти врз благосостојбата. Но кога таа не е работа на избор, туку на наметнати околности, тогаш гладот за муабет, допир и човечко присуство веќе не е метафора.