По тежок пораз луѓето се склони да го рационализираат срамот, болката и понижувањето со различни приказни, според кои некој друг, а не тие, се виновни за истото. Ова важи за сите области, од лични неуспеси, до колективни, во спортот или во политиката.
Историјата е полна со такви примери, а еден од нив се покажал како кобен за човештвото. Кога Хитлер дошол на власт во 1933, еден од столбовите на неговата пропаганда била таканаречената „легенда за забивањето на ножот в грб“. Според неа функционерите на Вајмарската република, биле „ноемвриски криминалци“ бидејќи нa 11 ноември 1918 го потпишале примирјето како поразени во Првата светска војна. Таа предавничка група се состоела од „Евреи, марксисти и културни болшевици“, кои со тоа ѝ забиле нож во грбот на Германија, која според легендата била реален победник на военото поле.
Митот почнал да се шири уште од 1918, година на глобална пандемија што можеби претставувало елемент плус во промовирањето на лажните информации и поттикнувањето теории на заговор. Најзаслужни за неговото ширење биле врховните команданти на германската армија, Ерик Лудендорф и Пол фон Хинденбург, кои самите биле свесни за поразот, но исто така ја знаеле моќта на пропагандата. „Дојштос“ така станала една од централните идеи на десничарската идеологија, и лично на Хитлер, кој постојано ја користел метафората на ножот в грб во своите говори.
Историчарите вон и во Германија го имаат отфрлено митот, истакнувајќи дека германската армија пред капитулацијата веќе немала ресурси, била затечена од влезот на САД во војната и до крајот на 1918 едноставно била осудена на пораз. Сепак, за да се одбегне ширењето на истиот мит и по Втората светска војна во 1943 е развиена сојузничката политика за безусловно предавање.
Горе: илустрација од австриска разгледница од 1919