Името на девојчето, Барбара Њухол Фолет, исчезнало некаде низ лавиринтите на историјата. Но не само фигуративно - таа и буквално исчезнала, кога имала 25 години. Откако ја објавила „Куќа без прозорци“, младата писателка станала хит во и вон книжевните кругови, иако имало и критичари кои предупредувале од опасноста на ваквата рано стекната слава. „Каква цена ќе плати Барбара за нејзините денови минати над машината?“, се прашала, можеби пророчки, една критичарка од Њујорк Хералд Трибјун.
Но во тоа време Барбара воопшто не била загрижена. Како и голем број надарени деца таа не се интересирала за „обичните“ работи - кукли и ластик - и веќе сметала дека има книжевна мисија. На нејзините другарчиња кои ѝ се потсмевале еднаш им напишала писмо: „Не разбирате зошто морам да работам, затоа што во овој момент вие не правите ништо“.
Во тинејџерските години Барбара продолжила да пишува, но заминала и на нешто што го сметала за најголема авантура во животот: се качила на брод кој пловел по Атлантикот. На 14 години, како резултат на овие искуства, била објавена нејзината втора книга, „Патувањето на Норман Д.“. Во текот на овој период татко ѝ, Вилсон, ја оставил жена си за помлада девојка, па Барбара и мајка ѝ нашле утеха во пловењето по светот. На копно ја оставиле помладата сестра на Барбара, Сабра, која исто така била брилијантен дух, а е запамтена како првата жена примена на Принстон.
Кога се вратиле во Њујорк без пари, Барбара почнала да работи како секретарка, но била многу несреќна. Запознала момче по име Никерсон Роџерс со кого патувале низ Европа, пред да се земат во 1934. Сепак, бракот не бил сјаен, тие често се расправале иако од надвор работите делувале идилично. На 7 декември 1939 по една расправија Барбара го напуштила станот со само 30 долари и тетратка во џебот. Никој повеќе не слушнал за неа.
Ник ја пријавил како исчезната дури по две недели, и тоа под новото презиме, Барбара Роџерс, што во јавноста не предизвикало внимание, бидејќи никој не сфатил дека се работи за славното дете-гение. Дури во 1966, кога мајка ѝ објавила книга за настанот, станало јасно за кого се работело.
Таткото, кој никогаш не ја прежалил, дури пишал и отворено писмо во кое ја повикува да се врати дома, кое било објавено во Атлантик. Други членови на нејзиното семејство тврдат дека е можно таа да го сменила идентитетот и да продолжила да пишува под друго име. Зад себе, освен објавените романи, оставила недовршени дела, кратки раскази, писма, песни, како и фарксоо, јазик на планетата Фарксолија, кого го измислила како дете, што според нејзините биографи бил ран знак на нејзината желба да избега од светот којшто ја опкружувал.