Аданија Шибли е родена во Палестина а живее во Берлин и Ерусалим. Таа на 20 октомври во склоп на Франкфуртскиот саем на книгата, кој oваа година се одржува од 18-22 октомври, требаше да биде наградена со ЛиБературпрајс, годишно признание кое им се доделува на писателки од Африка, Азија, Латинска Америка и арапскиот свет.
Но во петокот, 13.10., асоцијацијата ЛитПром која раководи со наградите објави дека ќе ја откаже односно одложи церемонијата „поради војната започната од Хамас, поради која страдат милиони луѓе во Израел и Палестина“.
Во првичното соопштение беше наведено дека ова се прави во договор со авторката. Но агенцијата-застапник на Шибли реагираше дека одлуката не е донесена со нејзина согласност и дека доколку настанот сепак се одржел таа ќе го искористела да зборува за улогата на литературата во овие сурови и болни времиња.
Следеше отворено писмо во кое се бара повлекување на одлуката на организаторот, потпишано од повеќе од 350 автори, меѓу кои ирскиот писател Колм Тојбин, американско-либијскиот добитник на Пулицер Хишам Матар, британскиот историчар Вилијам Далримпл и голем број други. Тие го повикуваат Франкфуртскиот саем, најголемиот од овој книжевен вид во светот, да „преземе одговорност и да создаде простор за палестинските писатели да можат да ги споделат своите мисли, чувства и рефлексии за книжевноста без да ги задуши“.
Романот на Шибли, објавен на англиски во 2020 под наслов „Незначителен детал“ (Minor Detail) е опишан од ЛитПром како „ригорозно составено дело кое раскажува за моќта на границите и какво влијание имаат насилните конфликти врз судбините на луѓето“. Книгата зборува за силувањето и убиството од 1949 на бедуинско девојче од страна на израелската армија преку фиктивна сторија на новинарка која го истражува злосторството во Рамала децении подоцна.
Романот веќе се покажа како контроверзен во Германија, каде новинарот Улрих Нолер го напушти жирото на ЛиБературпрајс ова лето во знак на протест поради донесувањето на одлуката токму оваа книга да го добие признанието. Дел од критичарите велат дека „сите Израелци во овој краток роамн се анонимни силувачи или убијци“, а поблагонаклоните критики велат дека начинот на кој се опишани израелските војници само произлегува од стилот на Шибли, кој се споредува со оној на Ками во „Странецот“.