Регионалните дијалекти во Франција долго време се омаловажувани, освен кога необичните назални вокали од Марсеј треба да послужат за реклама за пастис или како зачин во комедии. Но некој кој има макар и наговестување на „југ“ во својот глас кога бара работа на телевизија, во националната политика или во високото образование, може лесно да биде дисквалификуван. Французи се запишуваат на дополнителни курсеви по „елокуција“ - говорничко изразување на литературен јазик.
Но времињата се менуват, или барем постои инцијатива за тоа да биде така. Пред францускиот парламент оваа недела ќе се најде закон според кој ќе стане казниво да се дискриминра врз основа на дијалект.
Предлагачот на законот е Кристоф Узет, кој е од Перпињан во француска Каталонија. „Да се има регионален акцент во Франција автоматски значи да сте третирани како малоумен селанец - симпатичен, но крајно несериозен“, вели тој. Според него не може да се замисли некој со јужњачки, па дури и со северен акцент да известува на националната телевизија или да дискутира на битни теми, како на пример блискоисточна политика.
Еден од високите политичари кои се осмелуваат да зборуваат на својот дијалект е премиерот Жан Кастекс, но самиот факт што тој е прв и единствен ваков случај зборува самиот по себе.
Франција забрани дискриминација заради локалните дијалекти. Во суштина, јужниот француски дијалект може да се третира како сосема различен јазик, окситански. Франција не признава постоење на јазички малцинства на нејзина територија, и јужните дијалекти во минатото биле жртви на супресија. Со признавање на сите права на малцинствата на емигранти вон Франција, земјата се најде во парадоксална ситуација, малцинствата од други континенти да имаат повеќе права од Французите кои зборуваат француски дијалекти. Со овој закон државата се обидува да ја исправи таквата ситуација.
Во популарната култура, пак, критиката на локалните стереотипи, па и на оние поврзани со јазикот, е честа тема. За еден таков филм, „Добредојдовте во Ш’ти“, пишувавме тука.
Види претходно и: Последниот бастион на предрасудите - зборувањето на дијалект