За една ваква топла, и на прв поглед по ништо посебна комедија, е необично што во матичната земја, Франција, во годината во којашто е издадена ги срушила сите рекорди на гледаност - ја виделе 20,5 милиони луѓе во текот на 23 недели и заработила повеќе од 150 милиони евра.
Но нејзиниот успех станува разбирлив кога предвид ќе се земе иронијата со којашто таа пристапува на еден од најзакоравените француски стереотипи за сопственото население, она кое живее на северот. Според мислењето на оние кои никогаш не биле погоре од Париз, северна Франција е земја на примитивни луѓе кои зборуваат чуден јазик, каде постојано врне, и толку студи што „можат да ти отпаднат прстите на нозете".
Филип Абрамс е директор на пошта во гратче на југот. кој се обидува да добие место некаде уште појужно, на море, и на тој начин да ја израдува неговата сопруга којашто е постојано депресивна. Бидејќи шансите да се добие позицијата е поголема ако се има некаков хендикеп, Филип пред комисијата глуми дека е во инвалидска количка, но несакајќи се издава. По казна тој е испратен наместо на југ, на далечниот север, во гратчето Берг, за којшто до тогаш тој и жена му немаат ни слушнато.
Филип заминува сам, за да не ги изложува неговите домашни на страдањата на северот, и ги посетува на секои две недели, возејќи стотици километри во еден правец. Но иако најпрвин е крајно скептичен, тој набргу се вклопува во средината, почнувајќи да го совладува дијалектот (во којшто секое француско С се заменува со Ш), се навикнува на локалното смрдливо сирење и почнува да учествува во приватниот живот на колегите од поштата - сите со живописни и комични карактери. Со нив запаѓа во разни неволји, но тоа толку ги зближува што набргу почнува да ја сфаќа локалната поговорка - „Човекот од југот кој ќе дојде во овие краишта плаче два пати - еднаш кога прв пат ќе стапне на северот, а втор пат кога ќе си замине".
Сепак, кога се враќа дома тој нема сила да ѝ ја соопшти вистината на жена си, која прв пат покажува нежност и разбирање за нејзиниот „измачен" сопруг, па подгревајќи ги нејзините очекувања ѝ вели дека луѓето на север се варвари, дека по цел ден пијат, грозно локално пиво и дека просто не знае како ќе ги издржи потребните две години во едно такво мрачно и студено место, каде дебелите вентијаги и крзнени капи кои му ги купува жена му всушност воопшто не му требаат.
Проблемот настанува кога жена му сепак одлучува да му прави друштво за да му ја олесни маката. Тогаш колегите прават завера, па наместо во градот и во вистинскиот стан на Филип жена му ја носат во блиското, распаднато рударско гратче, каде симулираат атмосфера каква што нејзе ѝ е опишана - измачени и пијани луѓе одат по валканите улички, ловат мачки за да ги печат на скара и генерално се однесуваат грозно, за таа да се предомисли и да се врати. Но жената случајно дознава за целата работа, и лута заминува дома. Наскоро таа и детето сепак му се придружуваат на Филип и во Берг остануваат цели три години. Кога на крајот од филмот заминуваат на „прекоманда" на југот, сите - и локалците и самите тие - плачат.
Во 2010 направен е италијански римејк, во кој се појавува и режисерот на оригиналниот филм кој во него игра и една од главните улоги, Дени Бун, инаку и самиот „Ш'тиец". Во оваа верзија поштар од Ломбардија по казна е префрлен на две години во мал град во Кампања, југо-западна Италија. И вакви комбинации можат да се направат во секоја земја, колку и да е таа мала. За некој од скопското „големо добро утро" Пехчево може да звучи како кошмар. Битолчанец прекомандуван некаде во Малешевијата? Прилепчанец во Битола? Некој од Ѓорче во Маџари? Микро-световите никогаш не се доволно „микро" за да не можат да генерираат предрасуди за оние другите. Овој филм иако на прв поглед е од оние „фил-гуд" (како и да се вика тоа на француски), всушност е одлична лекција по локал-шовинизам и критика на неоснованиот зазор од оние кои живеат на само стотина километри оддалечени од нас.