„Здравје и книги“ е темата на 10-тото по ред издание на Фестивалот на јадење книги, за кое ве повикавме да испраќате фотографии од свои дела. За жал нема да можеме да ги пробаме, па оттаму ниту да гласаме за награди, затоа што критериумот за нив е комбинација на дизајн, идеја и вкусност. Но ако ништо друго се надеваме дека ве инспириравме да ги свртите низ глава книгите кои би биле соодветна асоцијација на моменталната состојба.
Благодариме на сите кои ни ги испратија своите креации, и се надеваме дека следниот април ќе бидеме живи и здрави за да готвиме на некоја весела тема.
Руска салата „Доктор Живаго“
"Breakfast of Champignons" with a twist (Појадок на шампињоните) од Курт Вонегат
„Сведоштва од Чернобил“ од Светлана Алексиевич
(подзагорена банана палачинка и ронки од Орео)
„100 години самотија“ од Габриел Гарсија Маркес
Eпот за Гилгамеш (кокос фил за обланди)
„Себичниот ген“ од Ричард Докинс
„Последниот чај“ oд Винка Саздова
(направен од медењаци)
За последново дело побаравме и добивме не само рецепт, туку и видео. Браво за Александра и семејството Ристовски!
Медена кутија (медењаци)
Во мал сад се ставаат 3 лажици млеко, 2 јајца, 2 жолчки, 1 лажица цимет, 2 лажици какао, лажица сода бикарбона, 2 лажици мед, ½ шоља зејтин, 300 гр шеќер. Убаво се меша и се става да се вари на пареа.
Се остава да се излади целата смеса и полека се додава брашно за да се замеси тестото. Брашното се додава по потреба, додека не престане да се лепи самото тесто. Убаво се замесува и се развива тесто, со дебелина 2 цм. Со калапи се сечат колачиња или пак кутија која треба да се сече по некој шаблон. Се редат во подмачкана тепсија и се става да се пече, не повеќе од 8 минути. Важно е да не се препечат, во спротивно медењаците ќе бидат тврди.
Се прави прелив, се мати со миксер една белка од јајце, се додава сок од лимун и прав шеќер по потреба. Преливот се става во кесичка која на крајот треба да е малку дупната за да може да истекува преливот и да се украсуваат колачите.
Галерии од ланското издание на тема „Музика и книги“ и она од 2018, на тема „Животни и книги“ (останатите објави поврзани со Фестивалот тука)