Во „Богатство без изобилие: светот на Бушманите кој исчезнува“ (за која пишувавме тука) Џејмс Сузман зборува за начините на кои овој народ спроведува „урамниловка“ помеѓу своите членови, спуштајќи ги на земја оние со природна харизма и повисоки способности од останатите, како превентива против нивната ароганција и трупање прекумерна моќ. Така, ловецот кој ќе дојде дома со неверојатно богат улов не е фален, туку реметен: оние кои ќе добијат од месото ритуално се жалат дека тоа не е вкусно, го набедуваат дека можеби го уловил некој друг, дека го нашол животното на пат мртво. Притоа, оној кој е навредуван знае дека ова е дел од воспоставена „игра“, па не зема ништо при срце (иако можеби не му е баш сеедно), оние кои го навредуваат ја користат приликата да му кажат сè што им лежи на душа и да се извлечат со тоа што ќе свртат на смешка, а пак оние кои слушаат од страна уживаат во сеирот, во глетката некој кој важи за „манга“ да го јаде како да е „помал од маково зрно“.
Каква врска има ова со „роуст“-от како вид хумор, кога позната личност е подложена на вицови на нејзина сметка, кои иако немаат намера да навредат, балансираат на тенката граница помеѓу благонаклона критика и злобен коментар? Секаква. Но историјата на оваа пракса како современ медиумски феномен кажува многу не само за универзалната потреба од задевање, туку и за една парадоксална промена во инаку здравата пракса на критикување - колку повеќе формална слобода нешто да се каже, толку повеќе можност да се биде бесмислено отровен.
Сензитивноста на хуморот на „пржење“ (веројатно подобар израз кај нас од „печење“) е социјално условена, па ако сте растени во семејства, друштва, култури каде „шупчењето“ е нормален , воспитен и корисен комуникациски канал, тогаш нема да бидете скандализирани ако истото им се прави на јавни личности - напротив, јавноста на нивната професија би требало да подразбира ризик од изложеност и потреба да се развива подебела кожа.
Америка е таква средина, со долга регистрирана традиција на „пржење“, на актери, политичари, музичари, кандидати за претседатели. Првиот ваков настан се смета дека се одржал во 1949 во њујоршкиот Фрајрс клаб, на кој пржениот бил францускиот актер Морис Шевалие. Работата станала толку популарна, што при крајот на шеесетите роуст-овите од овој клуб биле пренесувани на телевизија.
Во 1974 Дин Мартин почнува серија ТВ роустови за Ен-би-си, организирани во Лас Вегас, кои се емитувале еднаш на два месеци до 1979, со уште три продуцирани во 1984. Списокот на оние кои седнале на „жешкото столче“ е неверојатен, и ги вклучува сите најпознати фаци од тоа време: Кирк Даглас, Бет Дејвис, Џими Стујарт, Мохамед Али, Роналд Реган, Френк Синатра, Орсон Велс, а главен „роуст мастер“ бил нам помалку познатиот комичар Дон Риклс.
Со преземањето на форматот од страна на каналот Комеди сентрал во 2003 почнува ново поглавје, во кое се „пржени“ нови генерации славни. Со зачестеност од две емисии годишно, до сега се емитувани 17 изданија, а помеѓу појаките се оние со Памела Андерсон, Дејвид Хаселхоф, Чарли Шин, Џастин Бибер и Доналд Трамп пред да се кандидира за претседател. Емисијата придонела и за подем на до тогаш помалку познати комичари, како Џеф Рос, таканаречениот „генерал“ на роуст-мастерите. Од културолошка гледна точка е интересно што и меѓународните експозитури на Комеди сентрал почнале со продуцирање на сопствени, локални роустови, но ниту еден од нив го нема шмекот на американскиот оригинал. Особено тапа се покажала британската верзија, која имала само пет-шест изданија.
Гледањето на оваа или слични емисии е необично искуство. Од една страна човек се воодушевува на луцидноста на највештите помеѓу „ростерите“ (или на оние кои им го напишале текстот) и самоконтролата на луѓето да примат шала, па и кога им задира во најинтимното. Дури и типови како Мајк Тајсон, додуша со мал тик, но сепак се смеат на коментари од типот „од кај ти е тетоважата на фаца, да не си ја зел од г’з на стриптизета“ или кога ги исмеваат за говорни и други маани.
Од друга страна со секоја емисија нивото на отровност како да се крева, публиката сака крв, не е веќе доволно да се каже дека си „пис оф шит“, туку треба да се биде радикален за да се биде запамтен. Не е ни чудо што зипуваните монтажи од „најдоброто“ од роустинзите се всушност најбруталните моменти. Еден таков, на пример, е оној кога Џеф Рос во емисијата каде го пржат Џастин Бибер за Снуп Дог вели: „Тој е единствениот човек кој има проголтано повеќе чад од татко му на (присутниот комичар) Пит Дејвидсон“. Таткото на Пит Дејвидсон има умрено во нападите на 11 септември во Светскиот трговски центар.
Психолозите кои се занимаваат со тн. омаловажувачки (диспараџмент) хумор сметаат дека кога го слушаме сето ова се чувствуваме добро, затоа што во споредба со оние навредуваните си изгледаме некако пофино, самодовербата барем моментално ни се зголемува, „затоа што не сме толкави идиоти како човекот кого го пржат“. И ова важи за сите изданија на роустовите, од најстарите до денес. Но голема разлика се чувствува во острицата и во стилот на оние кои навредуваат. Ако Орсон Велс за да навреди го рецитираше Шекспир, главни „финти“ на новото време се врзани за табуа кои наводно тоа веќе не се - секс, раса, пол, проблеми со законот, физичкиот изглед, возраста. Кетлин Џенер, првото трансродово лице кое се појавило во шоуто, ја утепаа со коментари за исечениот пенис. Брус Вилис за тоа колку ќерки имал и каков бил со Деми Мур во кревет. Марта Стујард дека била „стара кучка“ (не дека не е). Кен Џонг за тоа дека не е необично што не може да си ги разликува ќерките-близначки, бидејќи и онака никој не разликува азијати. И сите се смеат, вклучително и луѓето на кои се однесува, макар и изглумено.
Ова само покажува дека „слабите точки“ на секоја личност остануваат истите како и секогаш, само начинот на кој тие се чепкаат станал поинаков од времето кога кај Дин Мартин, инаку стално мортус пијан и со запалена цигара на сцена, куп врвни фаци од тогашниот шоу-бизнис, се р’чкале меѓу себе - прецизно во мета, но многу посуптилно и помилосрдно отколку што тоа се прави денес. Фрлање шампита во фаца, наспроти фрлање на човек во кафез со змии отровници.
Во текст во Њујоркер под наслов „Ве молам укинете ги роустовите“ се става под прашање целиот концепт на емисијата, која според авторот служи за самопромоција, во која комичарите главно си ги читаат текстовите од „идиот“, каде е јасно дека воглавно тоа што се кажува е однапред научено а често и не напишано со своја рака. Понекогаш луѓето што се роустаат меѓу себе воопшто не се познаваат, па коментарите се сведуваат на некои површни познавања од биографијата на пржениот.
Но полошо од формата е содржината и начинот на кој таа влијае врз општествениот контекст - не зголемувајќи ги предрасудите кон одредена група на луѓе или тема, туку нормализирајќи го овој начин на комуникација. А тој, исто како и кај Бушманите од почетокот на текстов, е таков (нормален) само во ненормални, ритуални околности, како вербален карневал кој е и забавен и терапевтски корисен, но не и како начин на кој некој би требало да се однесува во секојдневниот живот за да биде кул. Во зависност од вашиот „стомак“ за ваков тип хумор, гледањето на неколку епизоди една по друга знае да биде истоштувачко искуство - некои од роустерите не само што не се смешни, туку знаат да зборуваат и на висок тон, бивајќи непотребно агресивни.
Со сите добри и помалку добри страни, роустингот е феномен за кој на крајот се прашуваме - зошто никогаш не би успеал кај нас, особено не во најбруталните форми? Дури и луѓето да се држат пред камерите, потоа сигурно некој со некого би се степал, скарал, убил. Ако ништо друго, сите погоре спомнати освен сигурно добар хонорар имале и доблест да се истопорат на ѕидот на срамот и од шоуто да излезат со крената глава. Некои од нив и со расштрафени вилици од смеа на самите себе.