Зависта остварува значајна, иако неочекувана еволутивна цел, таква која ни помага ги балансираме себичните индивидуални особини со социјабилноста, која е толку важна за неверојатниот успех на нашиот, човечки вид - таа е дел од „коктелот“ особини кои му помогнале на Хомо сапиенс да формира и да одржи силни општествени групи.
Наи-наи (Nyae-Nyae) во Намибија е синоним за изолиран предел во земја каде сè е изолирано и далечно. Тоа е дом на Ју/’оанси, бушмански народ кој се смета за најдобро документираната ловечко-собирачка заедница на планетата. Но денес неговите членови не живеат од лов и собирање - половина век одземање на нивното земјиште, неефикасни економски програми за развој и цела деценија воени окупации го сториле своето. Но истражувањата кои биле извршени помеѓу нив во 1950-тите и 1960-тите, кога тие се уште живееле на старите начини, ги превртиле тезите за социјална еволуција на глава.
До тогаш се верувало дека ловците-собирачи се соочуваат со постојан ризик од прегладнување, и дека дури со развојот на земјоделието почнале да се ослободуваат од каприциозната тиранија на природата. Кога во 1964 еден млад канадски антрополог, Ричард Боршхеј Ли извршил серија едноставни економски анализи, утврдил дека тие не само што добро живеат од лов и собирање, туку дека се и добро ухранети и задоволни, и покрај тоа што (или токму затоа што) работат само 15 часа неделно. Тие исто така биле „жестоко егалитарни“ - немале формализирани иснтитуции, хиерархии и родови разлики во донесувањето одлуки, децата играле главно некомпетитивни игри, а на постарите, иако им била укажувана почит, не им се овозможувал некаков посебен статус.
Според Џејмс Сузман, антрополог кој ја истражувал оваа група, и автор на книгата „Богатство без изобилие: светот на Бушманите кој исчезнува“ (2017) овој вид егалитаријанизам нема врска со некаков њу ејџ комунализам или „примитивен комунизам“. Тој е органски резултат на интеракции помеѓу луѓе кои си го гледаат својот интерес во високо индивидуалистичко општество. Во него зависта игра огромна улога во балансирањето на силите, и вежбањето понизност на оние со природна харизма и повисоки способности од останатите. Така, ловецот кој ќе дојде дома со неверојатно богат улов не е славен, туку напротив - навредуван. Без оглед на големината или видот на уловеното животно, оние на кои им следи парче месо ритуално се жалат дека тоа не вреди пет пари, дека ловецот не морал да се мачи да го м’кне од далеку, или дека нема да има доволно за сите. Од негова страна, од него се очекува да се извинува и да моли за прошка. И да не зема при срце, бидејќи се знае дека ова е перформанс, иако со јасна цел - да ја ритуализира зависта од успехот на другиот, спуштајќи го на земја и правејќи го неговиот подвиг сосема обичен.
И ова не било ограничено само на добрите ловци туку на кој и да е кој се фалел, кој ќе се обидел да складира повеќе тутун или храна отколку што му е потребно. Кога еднаш заедницата ќе излегла на крај со таквите фалбаџии, се создавала хармонична атмосфера на еднаквост.
Навредите и подбивот не биле единствените методи за одржување на рамноправноста. Голема улога имало и барањето за споделување. Додека денес ни е срам да побараме нешто што не ни припаѓа, за Бушманите ова било нормално. Обратно, да одречеш некому вакво барање се сметало за казниво. Сепак, оние кои барале нешто имале усул, и го почитувале правото на приватна сопственост, но се додека тоа не резултирало со премногу само кај еден човек.
Така, зависта може да се толкува како „невидливата рака“ на социјалната економија на Ју/’хоанси. Но како што тоа ги одржувало со векови, така сега истото може да ги уништи, во услови на променети животни околности. Во моментов тие се најмаргинализираната етничка заедница во Намибија, и најсиромашната, меѓу другото затоа што им е се уште незгодно да се истакнат како водачи, па немаат претставник во значајните институции во земјата. Ги нема ни на менаџерски позиции или на такви кои подразбираат каква и да е поголема одговорност и донесување одлуки за други. Изгледа дека зависта игра конструктивна улога во мали племенски општества, но е многу потешко да се утврди дали таа има слични благотворни последици во посложени, хиерархиски заедници. Во нив таа го менува ликот, и од „лепак“ на заедништво станува нешто што го разјадува постоечкиот поредок, и може, освен површни оговарања, да инспирира и цели револуции. Технологијата може да обезбеди органски поттик за создавање на таков вид самосвест за важноста на зависта која го одржала жестоката егалитарност типична за ловечко-собирачките општества, заклучува Сузман.