Изразот на англиски е breadcrumbing, дефиниран како „чин да праќање флертувачки, но необврзни пораки („трошки“) за држење во постојана состојба на заинтересираност на партнерот, но без реално инвестирање во односот“. „Трошки“-те како метафора за емотивна залажувачка која е далеку од пристоен оброк ни е прилично позната, но употребена во нов, технолошки напреден контекст, во кој гладта мора да се задоволува постојано, ефикасно и без одложување, нејзиното значење е уште посурово.
„Трошкаџии“ се оние кои од време на време ви набацуваат по некоја порака, ви кликаат лајкови и срциња на фејсбук постовите, ве следат на Инстаграм, и изгледа дека во сето тоа вложуваат многу повеќе напор отколку во асли муабет и реален интерес за тоа што навистина (а не виртуелно) има ново кај вас. Овие дигитални трошки се доволни за да ве потсетат дека некој е жив, но не и за тој да биде вистински присутен во вашиот живот.
Фрлањето вакви трошки (ко за хранење дигитални гуски или кокошки) најчесто се доведува во врска со љубовни работи - флертување, однос откако се случило нешто романтично но не се знае кој пат да се фати понатаму, или просто желба да се остане актуелен во нечиј живот но без да се вложи вистински напор. Психолозите го објаснуваат ова како еден вид нарцистична игра: човекот не е заинтересиран за вас, но е заинтересиран за тоа да ви остане на радар. Притоа ви го троши времето и ви дава лажно чувство на комуникација - три пати ви откажува кафе, но „многу му се свиѓа твојата новата профилна слика“.
Но breadcrumbing-от сè повеќе се прелева и вон љубовното, во пријателско-познаничките односи, во кои неколку нафрлени „Што има?“ на чет без вистински интерес за одговорот може да сигнализира дека се работи за „трошкаџиски“ однос. Спорадични пораки се ок ако помеѓу нив се случува и нешто повеќе од дигитално дрн дрн. Во спротивно, оганот на љубовта, пријателството и воопшто заинтересираноста за другите може лесно да згасне.