Француски наставник деновиве ја постирал оваа слика на неговиот профил, по што тој му бил згаснат, заради непочитување на условите на користење на оваа социјална мрежа. Сега тој, да го наречеме Жак бидејќи неговото вистинско име не се открива, се суди со компанијата, тврдејќи дека таа му ја нарушила слободата на говор и дека има право на фер судење во матичната земја. Минатата недела еден париски суд му излезе во пресрет, и такво судење ќе има.
Ова секако не е прв пат проценките на Фејсбук да се апсурдни и пуритански, и да се однесуваат на цензура и на уметнички фотографии на кои, на пример, мајки дојат деца. Освен тоа, фан на Курбе има поголема шанса да добие ваков спор во Франција отколку во Америка: првиот амандман се однесува на владина цензура, но француските закони за слобода на говор можат да се искористат и за казнување и други потенцијални цензори (во овој случај компанија).
Да беше жив Курбе, на веста дека негова слика е цензурирана веројатно ќе изјавеше (со француски акцент) - Ексѝк! И тоа ќе беше само продолжување на неговите маки, кои за време на животот ги тргал затоа што сакал да сруши еден (и со бројки - само 1) - столб!
Во 1870, при крајот на Француско-пруската војна, Курбе предложил нешто што скапо ќе го чини - напишал писмо до Министерството за национална одбрана, сугерирајќи столбот на плоштадот Вендом, поставен од Наполеон Први во чест на победите на француската армија, да биде отстранет.
„Овој столб не само што е споменик ослободен од каква и да е уметничка вредност, туку тој ги поттикнува идеите за војна и освојувања поттикнувани од царски династии, кои се надминати од републиканскиот сентимент на нацијата. Оттаму, граѓанинот Курбе бара од Министерството за национална одбрана да го овласти самиот да го отстрани столбот".
Сатирична илустрација на Курбе, како го руши столбот (претставен како јавно ВЦ), објавена од популарен весник на Комуната
Неговата идеја не била тој да се руши, туку да се премести на посоодветно место, воената болница Hotel des Invalides. Ова било само дел од пакет мерки кои тој продолжил да ги реди и по крајот на војната, кога била воспоставена Париската комуна, во којашто активно учествувал. На местото на стариот столб тој предложил да се направи нов кој би го симболизирал сојузништвото помеѓу Германија и Франција, а би бил изработен од стопени воени топови од двете страни.
Ама неговите колеги од Комуната не биле толку суптилни, па сепак решиле да рушат, и тоа само девет дена пред падот на Комуната. Некои велат дека Курбе бил на лице место, други одрекуваат. Но откако била воспоставена новата власт во Франција тој не само што бил осуден на неколку месеци затвор, туку и на надоместување на штетата за столбот, кој бил проценет на неверојатни 300,000 евра, кои Курбе требало да ги плаќа на рати, до неговиот 91 роденден. Каков му бил к’сметот, на 31 декември 1877, само еден ден пред да ја уплата првата рата, Курбе умрел, на 58 години, во егзил во Швајцарија и од последици на тежок алкохолизам.
Претставници на Комуната позираат со разрушениот столб