Зима. Време да се јаде мрсно,
и да се гледа хокеј.
Во калајните утра, мачорот,
црн крзнен колбас
со жолти очи ко Худини,
скока на креветот
и се обидува да ми се качи на глава.
Тоа е негов начин да провери
дали сум мртва или не.
Ако не сум, сака да биде гален,
ако сум, ќе смисли веќе нешто.
Се сместува на моите гради,
му го вдишувам здивот
на застојано месо и бајати трпези,
преде како даска за перење.
Некој друг мачор, се уште некастриран,
се измочал пред надворешната врата,
објавувајќи војна.
Сè е поврзано со секс и територија,
работи кои и нас ќе нè докрајчат на долги стази.
Некои сопственици на мачки наоколу
би требало да отстранат неколку тестиси.
Да сме и ние мудрите луѓе бар малку разумни,
би го направиле истото,
или би си ги јаделе малечките,
како ајкули.
Но љубовта е она што нè зафркнува.
Повторно и повторно,
Kој гаѓа, тој погодува!,
и гладта доползува до креветските чаршафи,
начекувајќи го во заседа пулсирачкиот јорган,
факторот на студенило паѓа на минус триесет,
и загадувањето се разлева од оџаците за да нè згрее.
Февруари, месец на очај,
со скршено срце во центарот.
Мислам опасни мисли, и копнеам по помфрит,
со прелив од оцет.
Мачору, доста од твоето алчно јачење,
и твоето мало розово дупче на газот.
Тргни ми се од лицето!
Ти си животниот принцип,
повеќе или помалку,
па дај поттикни малку оптимизам тука.
Отараси нè од смртта.
Прослави го растењето.
Нека биде пролет!
Маргарет Атвуд