„Езерото е око на земјата“, во кое набљудувачот си ја мера длабочината на сопствената природа.“ Овој цитат од „Валден“ на Хенри Дејвид Торо од 1854 (Букбокс осврт тука) често се користи како зипувано мото на екологистите. Но во случајот со бугарската писателка Касабова тоа има симболичко значење, поврзано со големите басени на човечкото познание.
Како и во нејзиното претходно дело „Граница: пат на работ на Европа“, која претставуваше опис на древниот регион Тракија, сега поделен помеѓу Бугарија, Турција и Грција, и „Кон езерото“ е лоцирано на тромеѓе, овој пат помеѓу Албанија, Македонија и Грција и двете езера, Охридското и Преспанското. Стари помеѓу еден милион и три милиони години, тие биле сведоци на македонски, илирски, римски, византиски, отомански и современи цивилизации, кои се сменувале едни со други додека езерата останале нем и спокоен набљудувач на тие промени.
Книгата на Касабова, чие британско издание излезе неодамна, според критичарите е добро истражена но и интимна книга, мешавина помеѓу патепис, мемоар и историска анализа. Самата испитувајќи ги контурите на езерото со брод, пешки и со автомобил, авторката собрала и етнографски материјал - приказни за жителите на бреговите на езерата.
Бабата на Касабова, Анастасија, била родена во Охрид, а потоа се омажила за човек од Бугарија и се преселила во 1947 во Софија. Семејството сепак често ги минувало летата крај езерото, кое станало инспирација на авторката, исто како и делата на Живко Чинго, Исмаил Кадаре, македонските народни приказни, патеписите на Ребека Вест и стиховитете на Руми.
Капка Касабова (1973) има бугарско потекло, но пишува на англиски. Како дете со родителите емигрирала во Нов Зеланд, каде студирала француска и англиска литература. Денес живее и работи во Шкотска.