А: Since two days I am sleep to Moria.
B: Moria is too much alibaba.
A: Yes, one man is come for alibaba my ausweis. I am speak him finish. after he is finish. Understand?
B: Full understand.
Вака изгледа муабет помеѓу бегалци лоцирани на грчкиот остров Лезбос, каде се уште се заглавени илјадници мигранти од различни земји. Секој со макар и мало познавање на англискиот може да ја насети неговата смисла, па оттаму не е изненадувачки што ваквиот поедноставен англиски е „лигва франка“ на затворскиот камп Морија и неговата околина. Тој се зборува помеѓу барателите на азил од Ирак, Уганда, Пакистан и Бурма.
Како што пишува Мат Брумфилд за Њу Стејтсмен, неговата шестмесечна работа на овој остров претставувала и забрзан кус по „лезбоски англиски“, и запознавање со неверојатните начини на кои луѓето се прилагодуваат и комуницираат во обидот да ја преживеат хуманитарната криза.
Една од основните одлики на овој јазик е систематското поедноставување на речникот, при што еден збор заменува многу други со слично значење. Изразот „премногу“ на пример се користи и за „многу“, и за „целосно“, и за „доста“, како на пример во „Морија е премногу полна со премногу луѓе“. Истото важи и за „зборува“, кое се користи и во тоа значење, но и во значење на кажува или прашува (на пример: I speak him why? - „Го прашувам зошто?“) Поентата е - ако смислата е јасна, зошто да се комплицира со непотребно широк опсег на зборови, кои можат само да создадат забуна? Ова е карактеристика на голем број тн. „пиџин“ јазици (настанати со мешање на два изворни јазика, како ероминчела - мешавина од ромски и баскиски, или португалско-креолските јазици).
Има и зборови кои се универзални идиоми, како „алибаба“, името на принцот на крадците, кој во случајов се користи како еуфемизам за крадење, и како именка, и како глагол (пример: „денес алибабував пакет цигари“). Локалците кои биле осомничени за кражби во текот на ирачката војна биле нарекувани „Алибабовци“, па зборот се одржал како пежоративен прекар помеѓу самите Ирачани. Сега истиот се применува во англискиот дијалект на Лезбос за голем број негови жители.
Има и заемки од европските јазици, како „аусвајс“ од германскиот за пасош и разни документи. Често се дуплицираат лични заменки, и на почетокот и на крајот од реченицата, за да се избегне забуна на кого се однесува кажаното. Сево ова не значи дека помеѓу бегалците нема поединци кои зборуваат течен, граматички исправен англиски, а истите често знаат и по три-четири јазици од нивниот регион. Но дури и тие, кога им се обраќаат на оние кои не се толку вешти со англискиот, него го поедноставуваат. Сепак, ова не е само „броукен“ англиски, туку си има свои правила и нијанси кои аутсајдер лесно може да ги превиди. Авторот на текстот го споредува со стандардизираниот авијациски англиски користен од пилотите низ светот, кој е создаден да го намали бројот на несреќите и недоразбирањата, со ограничување на пилотите на основен речник.
Лезбоскиот англиски можеби наскоро ќе исчезне, кога ќе биде депортиран и последниот бегалец од Морија. Тој може да прерасне во гетоизиран „креолски“ кој се зборува само во милитаризираните бегалски кампови во Европа. Сепак, премногу е оптимистички да се надеваме дека тој ќе стане еден од градбените елементи на идната лингва франка, преку кој би се овозможила прекугранична комуникација во вистински мултикултурна Европа.