Ем-тирето го добило името по својата должина, која приближно одговара на ширината на голема буква М. Неговите корени водат до Италија во 11 век и до еден учен човек по име Бонкомпањо да Сиња, кој се занимавал со формалната уметност на пишување писма и документи. Незадоволен од неусогласените интерпункциски правила на своето време, тој создал сопствен систем, во кој вклучил и хоризонтална црта наречена Виргула плана, што изгледала речиси исто како денешната ем-црта.
Иако неговата идеја тирето да служи како точка не се прифатила, неговата граматичка флексибилност му овозможила да се развива. Според Кит Хјустон, автор на книгата „Необични знаци: тајниот живот на интерпункцијата, симболите и друга типографија“, тирето влего во ерата на печатот без строго определена функција — што можеби овозможило лесно да се прилагодува и да добива нови улоги.
Во 16 и 17 век драмските автори ја откриле драмската вредност на овој знак. Го користеле за означување паузи, прекини — ненадејни освестувања среде реплика. Во првото издание на делата на Шекспир има многу вакви црти, кои им давале слобода на актерите и внесувале изразност што точките и запирките не можеле да ја постигнат.
Цртата станала особено важна за прикажување на техниката на тн. апосиопеза, односно намерно прекинување на реченицата. Во „Крал Лир“ ликовите често го прават ова, што придонесува за психолошка реалистичност на сцената.
Со појавата на романот во 18 век, писателите ја прифатиле цртата како средство за прикажување на автентична човечка мисла и говор. Во сатиричниот роман „Тристрам Шенди“ од 1759 година, Лоренс Стерн ја користел речиси неограничено, создавајќи нарација што наликува на тек на свеста која делувала револуционерно. Во еден краток извадок може да има дури седум црти, употребени на различни начини.
Романсиерите ја користеле цртата и за цензура, прикривајќи имиња и места за да создадат впечаток на автентичност. Џејн Остин, на пример, во „Гордост и предрасуди“ сокривала имиња на воени полкови, како да ги штити угледите на вистински личности. Ова внесувало реализам и дополнителна интрига.
Во 19 век употребата нагло се зголемила. Чарлс Дикенс во „Оливер Твист“ користел по една црта на секои 224 зборови. Херман Мелвил во „Моби Дик“ на секои 129. Шарлот Бронте во „Џејн Ејр“ на секои 90 зборови. Ем-тирето овозможувало реченицата да звучи почовечки, затоа што во реалниот говор луѓето често ја менуваат мислата, се прекинуваат себеси или другите.
Сепак, ниту еден автор не е толку поврзан со ем-тирето како Емили Дикинсон. Таа напишала речиси 1.800 песни во Амхерст, Масачусетс, многу од нив за време на Граѓанската војна во САД, придружени со илјадници вакви знаци. Кај неа тие не означуваат само пауза, туку ја доловуваат брзината и двосмисленоста на човечката мисла.
Но Ем-тирето отсекогаш имало и критичари. Џонатан Свифт во 18 век се потсмевал на прекумерната употреба. Еден критичар се жалел дека кај Лорд Бајрон се појавувала „понекогаш два или трипати во еден стих“. Современите стилски прирачници, како Чикашкиот, советуваат дека ако се двоумите, подобро е да ја отстраните. Дури и љубителите признаваат дека лесно може да се претера.
Околу 2024 година, корисниците забележале дека Четџипити и другите јазични модели почнале често да ја користат ем-цртата. На интернет почнала да се нарекува „Четџипити цртичка“. Некои сметаат дека причината лежи во податоците со кои биле обучувани моделите. Компании купувале голем број печатени книги од претходните децении, ги дигитализирале и така моделите ги презеле стилските навики на класичната литература, кои денес звучат необично во секојдневни мејлови или апликации за работа (особено на македонски).
Поедноставено е да се мисли дека секој текст со ем-тиреа е создаден од вештачка интелигенција. Луѓето, особено во англиското говорно подрачје, ја користат со векови, па затоа и моделите ја усвојуваат. Постојат и посуптилни знаци на текст создаден од машина, како формален тон или одредена безличност. Но долгата, елегантна црта лесно се забележува и станува симбол на пошироките стравови од вештачката интелигенција. Прашањето, според некои истражувачи, не е како да се разликува „вистинско“ од „лажно“ пишување, туку — што губиме кога размислувањето го препуштаме на машини.
извор: подкаст 99% Invisible