Научниците долго време верувале дека машкиот примерок од видот Сехуенска водна жаба (Telmatobius yuracare), наречен Ромео, е последниот од својот вид. Кога во 2018 и 2019 година беа пронајдени уште неколку единки во боливискиот национален парк Караско, надежите пораснаа дека тој ќе се спари со женката наречена Јулија (за што тогаш пишувавме тука).
Сепак, нивната „љубовна приказна“ немаше потомство. Ромео почина неодамна, од природна смрт, по 16 години поминати во „заробеништво“ во Природонаучниот музеј „Алсиде д’Орбињи“ во Кочабамба.
И покрај тоа, пристигнуваат охрабрувачки вести. Биолози открија нова популација од овој критично загрозен вид во друг дел од Националниот парк Караско во Боливија. Ова е само второ откривање на дива популација од 2009 година наваму и отвора ново поглавје во напорите за зачувување на видот. Тереса Камачо Бадани, херпетолог од Папскиот католички универзитет во Кито, вели дека со смртта на Ромео се затвора едно поглавје, но се отвора цела нова книга за заштита на видот.
Приказната за Ромео започнала во 2009 година, кога бил фатен во подрачје погодено од смртоносната хитридна габа – патоген што уништил цели видови водоземци ширум светот. Како превентивна мерка, бил пренесен во музејот во Кочабамба. Никој тогаш не претпоставувал дека девет години нема да биде виден друг примерок од неговиот вид.
Во 2018 година организацијата „Ри:вајлд“ (поранешна Global Wildlife Conservation) дури направи кампања со сајтот Match.com за да привлече внимание кон „најосамениот жабец“, креирајќи му и симболичен профил за запознавање. Истата година, истражувачите пронајдоа уште пет вакви водни жаби во друг поток во паркот. Меѓу нив беше и женка што ја нарекоа Јулија.
Кога ја донеле во музејот, Ромео повторно почнал да испушта повици за парење, иако претходно престанал. Нивните „средби“ биле внимателно следени, а фотограф направил дури и „свадбени“ портрети од двојката. Сепак, и покрај обидите, тие никогаш не се размножиле. Јулија и денес е жива во музејот.
Инспирирани од приказната на Ромео, научниците продолжиле со теренски истражувања. По дојава од ботаничар кој работел во друг дел од паркот, тимот открил мала, но стабилна популација на околу 100 километри од местото каде што била најдена Јулија. Сега жабите се следат со подводни уреди што ги снимаат нивните повици без да се нарушува нивната природна средина.
И покрај новата надеж, предизвиците остануваат големи. Видот е означен како критично загрозен од Меѓународната унија за заштита на природата поради хитридната габа и губењето на живеалиштата. Во музејот во Кочабамба засега не успеваат да поттикнат размножување кај Јулија и уште деветте единки што ги чуваат. Според директорот Рикардо Сеспедес, потребни се повеќе средства и стручен кадар за успешна заштита. Сепак, има и позитивни искуства: во минатото музејот успеал да размножи сродни видови, како кочабамбската и титикаската водна жаба.