Каква разлика прави една година. На Минхенската безбедносна конференција овој викенд, државниот секретар Марко Рубио беше поздравен со овации за говорот во кој го повтори истото она што потпретседателот Џ.Д. Венс толку скандалозно го кажа 12 месеци претходно.
Рубио ги обвини Европејците дека сакаат да го задоволат климатскиот култ, кој го осиромаши континентот со усвојувањето катастрофални енергетски политики. Исто како Венс, и тој ги критикуваше имиграциските политики на Европа и нејзината догматска посветеност на глобалната слободна трговија, која поттикна пад на индустријата и ги испразни синџирите на снабдување. Тој се пожали дури и на „префрлањето на суверенитетот на меѓународните организации“ – алудирајќи не само на ОН, туку и на самата ЕУ.
Европејците го мразеа говорот на Венс. Сепак, го сакаа говорот на Рубио. Разликата беше тонот. За разлика од Венс, Рубио ја заслади пораката.
За нас Американците, домот е на западната хемисфера, но ние секогаш ќе бидеме дете на Европа.
Европејците едноставно сакаат кога Американците покажуваат почит кон нивното културно наследство. Тоа ги полни со чувство на гордост и супериорност.

Сепак, Европа е во заблуда. И кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кажа дека се чувствува „многу уверено“, потсетува на старата шега, која веројатно погрешно му се припишува на Винстон Черчил: „Дипломатијата е уметност да им се каже на луѓето да одат по ѓаволите, на начин што ќе ги поттикне да побараат насоки“.
Во годината помеѓу двата говори во Минхен, трансатлантските односи се променија до непрепознатливост. САД можеби ќе останат дел од инфраструктурата на НАТО. Но, вистината е дека Европа остана сама во НАТО. Чуварите бдеат на некоја друга куќа. Наместо да ја прифати оваа нова реалност, Европа е убедена дека ќе се врати на претходната, дека претседателот Доналд Трамп е исклучок и дека по неговото заминување трансатлантските односи ќе се вратат во нормала. Само половина од ова е вистина. Трамп без сомнение ќе го нема за три години. Но, неговата безбедносна доктрина ќе опстои.
Иако Трамп со своите твитови и царини може да биде непредвидлив, безбедносната политика на Вашингтон е извонредно конзистентна. Од Националната безбедносна стратегија на Белата куќа знаеме дека западната хемисфера - Америка - е приоритет. Азија е втора. Европа трета. САД немаат интерес да излезат од НАТО. Алијансата сè уште има важна цел за Вашингтон - иако различна од Европа.
Одвојувањето од европската безбедност е дел од поширок план, бидејќи САД се подготвуваат за најлошо сценарио: кинески напад врз Тајван, во исто време со руски напад врз Западна Европа и севернокорејски напад врз Јужна Кореја. Јасно е дека САД не можат истовремено да водат војна и во Источна Азија и во Европа. Споделувањето на товарот во НАТО бара од Европејците да се грижат за својата територија.

Во моментов изгледа малку веројатна можноста дека Европејците на крајот ќе се соочат со предизвикот и ќе ја преземат одговорноста за сопствената безбедност. Главното прашање не е трошењето, туку организацијата на заедничката одбрана, а таа е безнадежно неефикасна.
Секоја европска земја има своја командна структура. Секоја има своја политика за набавки. Многумина имаат свои системи за оружје. Европските членки на НАТО имаат 10 различни борбени тенкови во употреба; САД имаат еден. Европејците имаат различни борбени авиони, системи за воздушна одбрана и хаубици.
Последиците од таквата фрагментација се скапи. Според анализата на Bain, просечната цена на муниција од 155 мм е околу 4.000 долари, додека Русите плаќаат 1.000 долари за гранати од 152 мм. За да се спореди со трошењето на Русија, Европа треба да потроши четири пати повеќе. Слични бројки важат и за други категории. Едноставното зголемување на буџетите без централизирање на набавките би било губење пари.
Франција и Германија сега повеќе се грижат за своите домашни одбранбени индустрии и отфрлаат здружување на набавките за одбрана. Единственото сценарио во кое ова може да се промени е таквата одлука да биде наметната преку војна: тешко дека би требало да го посакуваме тоа.
Американците штотуку ги испратија Европејците по ѓаволите. А Европејците прашуваат за насоки.