Пингпонгарот-шибицар: вистинската приказна зад „Марти Суприм“

Филмот номиниран за Оскар ја раскажува приказната за спортски талентиран њујоршки измамник од 1950-тите, кој сонува да излезе од сенката на семејната продавница за чевли и да се пробие на светската сцена. Иако формално станува збор за филм за пинг-понг, суштината е повеќе во карактерот, амбицијата и опсесијата со успехот.

Главниот лик во филмот номиниран за овогодинешните Оскари, „Марти Суприм“, Марти Маузер (Тимоти Шаламе), е брз на јазик, духовит, но и себичен и често суров кон луѓето околу себе. Заминува во Лондон за да се соочи со најдобрите во спортот со којшто се занимава, пинг-понг, меѓу кои и јапонскиот шампион Кото Ендо, но претрпува пораз. Се враќа во Америка решен повторно да се обиде, а за тоа му требаат пари. Во меѓувреме влегува во комплицирани љубовни односи, изневерува пријатели и се снаоѓа како што знае и умее за да стигне до врвот.

Ликот е лабаво инспириран од вистинската личност Марти Рајсман, познат пинг-понг играч и измамник од Њујорк. Рајсман бил „колоритен“ и контроверзен лик, познат по тоа што постојано ги провоцирал противниците за да им влезе под кожа. Поради својата слаба градба и острината на јазикот го викале Иглата. Верувал дека молчењето значи предавање и дека во спортот мора постојано да се зборува и да се создава психолошки притисок.

Како млад често бегал од училиште за да игра за пари по паркови и барови во Њујорк. Подоцна станува редовен во пинг-понг клуб на Бродвеј, каде намерно губел неколку партии за да ги намами противниците да ги зголемат влоговите, по што ги победувал. По објавувањето на својата автобиографија „Играч за пари“ (The Money Player) во 1974 година, понекогаш им ја нудел по намалена цена на луѓето што штотуку ги „олеснил“. Често играл под необични услови, седнат, со врзани очи или со необични предмети наместо рекет.

Неговиот талент брзо го однел на натпревари, каде освоил повеќе национални титули. На Светското првенство во Лондон во 1948 година, како тинејџер шверцувал најлон чорапи кои ги продавал по повисока цена, а на враќање носел пенкала. Подоцна настапувал и како атракција на полувремиња со Харлем Глобтротерс, играјќи комични мечеви пред илјадници гледачи.

На меѓународната сцена станал познат по силниот форхенд удар наречен Атомска експлозија. Но во 1952 година на Светското првенство во Мумбаи бил поразен од јапонскиот играч Хироши Сато, кој користел нов вид рекет со сунѓер и гума. Таа иновација засекогаш го променила спортот. Рајсман одбивал да премине на новата технологија, тврдејќи дека тоа би значело предавство на вештината што ја усовршувал со години.

Подоцна повторно се соочил со Сато во Осака и успеал да го победи пред илјадници гледачи. Се зборувало дека Јапонецот бил толку обесхрабрен од поразот што никогаш повеќе не играл меѓународно. Рајсман продолжил со егзибициски турнеи низ Азија, настапувал дури и пред војници во Виетнам и повторно се впуштал во шверц, овојпат со злато и часовници.

И во подоцнежните години, кога повеќето спортисти одамна се повлекуваат, тој освојувал титули во категоријата со дрвени рекети, тврдејќи дека никогаш во животот не играл само за забава. Според него, без пари во играта немало вистинска концентрација и вистински квалитет.

Марти Рајсман починал во 2012 година на 82 години од компликации со срцето и белите дробови. Дел од ликовите во филмот се фикционализирани. Богатата холивудска актерка која му помага на Марти нема историска потврда, иако во клубовите каде играл навистина доаѓале познати личности како Дастин Хофман, Боби Фишер, Волтер Матау. На крај, иако „Марти Суприм“ изгледа како спортска приказна, тоа е повеќе портрет на човек кој живее на раб меѓу генијалност и самоуништување, постојано во потрага по следната шанса, следниот влог и следната победа.

16 февруари 2026 - 09:30