Еден од потсвесните сетилни впечатоци за големите градови кои имаат подземна железница се сите оние бипкања, звуци на доаѓање и заминување возови и реско затворање на вратите, по што следи мил (обично женски) глас кој ја најавува следната станица. Но дали е тоа единствената можна аудио „сценографија" на транспортот, каде се минува значаен дел од денот?
Џејмс Марфи, поранешен член на LCD Sоundsystem сака да ја претвори њујоршката подземна железница во електронска симфонија пријатна за увото. На пример преку машини за поништување на билетите кои свират поединечни мелодии, а не го испуштаат оној досаден „бип".
„Најголемите гужви во метрото, наместо да бидат кошмарни, одеднаш ќе станат најубавиот период да се биде во метрото", вели тој во видеото, кое е дел од рекламната кампања на Хајнекен „Отвори го твојот град", со кои се промовираат креативни урбани проекти. Првите ноти на ротирачките врати личат на детско свирење пијано, но како што гужвата се зголемите звуците стануваат почести, и мелодијата почнува да личи на филмска, научно-фантастична музика.
Марфи размислувал за идејата речиси 20 години, но непосредниот повод конечно да се зафати со работата била најавата на транспортните власти во Њујорк дека ќе го заменат целиот систем за поништување карти со електроника до 2019. За жал тие засега не му пружаат поддршка на проектот, па Хајнекен и Марфи се обидуваат да го пласираат преку создавање коалиција со њујорчаните.
Дизајнерите веќе изработиле и прототип на оние вратнички кои ротираат кога ќе ја ставиш картичката и те пуштаат да влезеш на станицата - токму тие би требало наместо досегашниот „бип" да емитираат музика. Притоа сепак мора да се запазат и некои од востановените правила, на пример дека еден бип значи прифатена картичка, два бипа значи да се обидеш повторно, а три дека е потребна доплата. Исто така досегашната сигнализација служеше на лицата со нарушен вид, за тие да знаат кога можат да поминат. Сето ова мора да се вгради и во новиот концепт на Марфи.
Истражувањата покажале дека одењето и враќањето на работа е најмалку среќниот парт од денот на луѓето кои живеат во големите градови (а и Скопје не е нешто подобро..). Оттаму, зачинувањето на денот со добра музика може само да го подобри расположението. Во Њујорк од 1985 тоа се прави и преку проектот „Музика под Њујорк" со 7,500 настапи на 30 локации низ транзитниот систем на помалку или повеќе познати музичари. Ако успее, проектот на Хајнекен и Мафри може да биде урнек за аудио атмосфера и на други големи подземни железници.
Да имаше кај нас метро ќе ја предложевме „По пат одам, за пат прашам“.