Ками за самоубиството

Единствениот вистински филозофски проблем

Кога ќе се спомне самоубиство, првата помисла е физичко, насилно одземање на сопствениот живот. Но има и друг, подеднакво страшен вид сопствено обезживотување - кога живееш механички, доживувајќи го светот само како сценографија. 

Според Ками, токму тој раздор помеѓу поединецот и неговиот живот, помеѓу актерот и неговата сценографија, е чувството на апсурдност. А има два начина мислечкиот човек да излезе на крај со него: да пронајде свој одговор на „зошто-то" и „чуму-то", или да го нема.

***

Има само еден сериозен филозофски проблем: самоубиството. Одговорот на суштинското филозофско прашање е всушност размислување за тоа дали животот вреди или не вреди да се живее. Сите останати прашања - дали светот има три димензии, дали духот има девет или дванаесет категории - доаѓаат по тоа. Тоа се баналности, треба најпрвин да се одговори на ова суштинско прашање. Ако е вистина, како што вели Ниче, дека еден филозоф, за да биде ценет, мора да проповеда преку сопствениот пример, тогаш ќе го сфатиме значењето на тој одговор, затоа што тој ќе му претходи на завршниот чин. Tоа се очигледности кои на срцето му се блиски, но кои треба да се продлабочат за да му станат појасни на духот.

Ако сум запрашан врз основа на што заклучувам дека таквото прашање е поважно од некое друго, одговарам дека тоа е заради постапката на којашто тоа обврзува. Никогаш не сум видел некој да умре заради онтолошки аргументи. Галилеј, кој застапувал една значајна научна вистина, јавно се одрекол од неа, најлесно на свет, веднаш штом таа го довела во опасност неговиот живот. Во измесна смисла, тој добро постапил. Таа вистина не вредела за заради неа да биде запален. Сосема е неважно дали сонцето се врти околу земјата, или земјата околу сонцето. Сè на сè, тоа е безначајно прашање. Наспроти тоа, гледам дека голем број луѓе умираат затоа што сметаат дека животот нема смисла. Гледам и некои други кои парадоксално се убиваат заради идеи или илузии кои на нивните животи им даваат извесна смисла (она што тие го нарекуваат причина за живот истовремено е и извонредна причина да се умре). Сметам, значи, дека смислата на животот е најважното прашање. Како да се одговори на него? За сите суштински проблеми, а тука ги подразбирам и оние кои можат да доведат до смрт, како и оние кои ја зголемуваат страста за животот, веројатно постојат само два методи - оној на Ла Палиси на Дон Кихот. Единствено рамнотежата на очигледното и лирското може да овозможи истoвремен пристап и на емоцијата, и на јасноста. Кога се работи за ваква тема, истовремено и толку скромна и толку полна со патетика, учената и класичната дијалектика значи мораат да му отстапат место на еден скромен духовен став, кој во исто време произлегува и од здравиот разум и од сочувството.

За самоубиството секогаш се расправало само како за општествена појава. Наспроти тоа, јас тука почнувам со прашањето за односот на индивидуалната мисла и самоубиството. Таквиот чин се подготвува во тишина на срцето, како некое големо дело. Ни самиот човек не знае за него. Една вечер, тој си пука во глава или се беси. Ми раскажуваа еднаш за некој градежник кој се убил затоа што ја загубил ќерка си пред пет години, дека за тоа време многу се променил и дека случајот целосно го „поткопал". Не може да се посака попрецизен збор. Почеток на мислењето, тоа значи и почеток на сопственото поткопување. Општеството во тие почетоци не може многу да учествува. Црвот лежи во човечкото срце. Тука и треба да се побара. Треба да се следи и да се разбере таа смртна игра, која води од луцидност соочена со егзистенцијата, до бегство вон светлоста на умот.

Постојат голем број причини за едно самоубиство, и општо земено, најочигледните не биле секогаш и најефикасни. Самоубиството ретко се изведува (препоставка, која сепак не е исклучена) врз основа на расудување. Она што ја причинува кризата речиси секогаш е невозможно да се контролира. Весниците често зборуваат за „интимни таги" и „неизлечиви болести". Ваквите објаснувања се прифатливи. Но потребно е да се знае и тоа дали токму тој ден пријателот на очајникот со него разговарал со некој рамнодушен тон. Можеби и тој е виновен. Затоа што и тоа може да биде доволно за да ја поттикне сета огорченост и сета обесхрабреност, кои до тогаш уште биле скриени. Но, ако е тешко да се одреди точниот миг, суптилниот чекор во кој духот се одлучил на смрт, многу е полесно да се извлечат од самиот чин последиците кои тој ги претпоставува. Да се убиеш, во извесна смисла, како во мелодрама, значи да признаеш дека животот те надмудрил и дека не си го разбрал. Тоа значи да се признае дека животот „нема смисла". Секако, да се живее никогаш не е лесно. Ние обично продолжуваме да функционираме од голем број причини, од кои прва е секако навиката. Да се умре доброволно значи само да се признае дека сме го препознале, дури и дека инстинктивно сме го почувствувале, бесмислениот карактер на секојдневното делување и бескорисноста на страдањето.

Кое е, значи, тоа недофатливо чувство кое на духот му го одзема сонот неопходен за живот? Светот кој можеме да го објасниме, дури и во лошо светло, ни е близок. Но во еден свет одеднаш лишен од илузии и јасност, човек се чувствува како странец. Тоа е прогонство без враќање, затоа што на човекот му е одземено сеќавањето на загубената татковина или надежта во ветената земја. Тој раздор помеѓу човекот и неговиот живот, помеѓу актерот и неговата сценографија, тоа е всушност чувството на апсурдност. Бидејќи сите здрави луѓе имаат размислувано за сопственото самоубиство, можеме да признаеме, без дополнителни објаснувања, дека постои директна врска помеѓу тоа чувство и тежнението кон ништост.

Сите големи дела и сите големи идеи имаат блесав почеток. Големите работи често се раѓаат на некој уличен агол, или во ротирачка врата на некој ресторан. Апсурдниот свет, повеќе од останатите, ја изведува својата благородност од таквото раѓање. Во одредени ситуации, да одговориш „ништо" кога те прашуваат на што мислиш можеби е претенциозно. Но ако одговорот е искрен, ако ја симболизира чудната состојба на душата во која празнината станува елоквентна, во која синџирот на дневните гестови се прекинува, во која срцето бара врска којашто повторо ќе го поврзе со светот, тогаш токму тоа е првиот знак на апсурдноста.

Понекогаш сценографијата се распаѓа. Станување, трамвај, четири часа во канцеларија или во фабрика, јадење, трамвај, четири часа работа, јадење, спиење, понеделник вторник среда четврток петок и сабота - сè во истиот ритам, овој дел лесно се следи поголемиот дел од времето. Но еден ден „зошто-то" ја крева својата глава, и сè што дотогаш било излитено почнува восхитувачки да блеска. „Започнува" - ова е важно. Исцрпеноста настапува на крајот од чиновите на механичкиот живот, но истовремено го поттикнува импулсот на свесност. Она што следи може да биде или постепено враќање во синџирот, или негово дефинитивно будење. На крајот од будењето, со време, доаѓа последицата: самоубиство или исцелување.

Самоубиството оттаму е решение за апсурдот...Но дали апсурдот бара смрт - на овој проблем треба да му се даде предност пред другите, вон сите методи на мислење и игри на незаинтересираниот дух. Нијансите, противречностите, психологијата, кои (еден) „објективен" дух умее да ги внесе во сите проблеми, немаат свое место во ова истражување и во оваа страст. Потребна е само една неправична мисла, то ест логична мисла. А тоа не е лесно. Секогаш е лесно да се биде логичен, но не и логичен до крај. Луѓето кои умираат од своја сопствен рака го следат до крај стрмниот надолен пат на своите чуства. Размислувањето за самоубиството значи, ми дава шанса да го поставам проблемот кој единствено и ме интересира: постои ли логика сè до смртта? Тоа можам да го знам само ако го продолжам расудувањето, без нередот на страстите, единствено во светот на очигледното, расудување кому тука само му го назначив потеклото. Тоа е она што го нарекувам апсурдно расудување. Многумина го имаат започнато. Уште не знам дали сите се имаат и придржувано кон него.

Автор: Албер Ками (извадоци од „Митот за Сизиф“, 1942)

5 февруари 2015 - 11:14