Друштвената игра која се игра 1.500 часа

Се вика „Кампања за Северна Африка“ и е единствена игра во својот жанр, а тоа е - ептен долга. Не само што ако се игра два пати неделно по три часа би биле потребни дваесет години за да се заврши, туку со оглед на димензиите на таблата, и тоа што е за десет играчи, работата си бара и да се изнајми цела кафана. 

Дури и меѓу најголемите љубители на друштвени игри има такви кои бираат игра врз основа на тоа колку е сложена и, следствено на тоа, колку трае. Тешко е да се процени просечното траење на друштвените игри воопшто, но помеѓу подолгите се „Патишта на славата“ со 8 часа или „Цивилизација“ со 6 часа. Ама има една која е вон секоја конкуренција, бидејќи трае многу, многу повеќе. 

Уште од моментот на нејзиното објавување во 1979, „Кампањата за Северна Африка“ е позната како најдолгата друштвена игра на светот. За да се заврши се потребни 1500 часа. Или 62 дена. Или два месеца. Ама непрекинато играње. Инаку советот за секој оној што ќе посака да ја проба по некои вообичаени стандарди е - „Ако вие и вашата група се среќавате три часа дневно, два пати месечно, играта ќе заврши за отприлика 20 години“.

Долгите игри најчесто се воени, и овој жанр си има свои стандарди на комплексност. Но оваа игра ги надминува и нив. Таа ги покрива славните операции од Втората светска војна во Либија и Египет помеѓу 1940 и 1943. И ај што е сложена, туку се потребни и 10 играчи (5 од страна на Сојузниците, 5 од Оската) кои командуваат со специјализирана дивизија. Има пешадија, воздухопловство, логистика и на крај главен командант кој е одговорен за сите макро-стратешки одлуки во текот на конфликтот.

Вообичаено е, ако нема кој да ти ја објасни играта во живо, да се гледаат јутјуб видеа од по неколку минути со главните поенти. Е, тука видеото со тие главни поенти трае - час и триесет миинути!

И не е само дека човек треба да седи на маса уз муабет, па макар тоа било и дваесет години. Играта бара голема концентрација, дури и кога станува збор за резервите горива, кои се направени согласно историски точните димензии на бурињата за нивно складирање. Истовремено, таа е преполна со историски „тривија“ како на пример тоа дека италијанските трупи во текот на Втората светска војна добивале и ќесичка шпагети. Оттаму, одговорниот за Италијанците во играта треба да им доделува по едно шише вода вишок на своите сили, за војниците да можат да си ја сварат пастата.

Дизајнерот на играта, денес покојниот Ричард Берг, тврдел дека „паста правилото“ е шега, и дека генералната комплексност на играта била во стилот на времето, „златното доба“ на воениот гејминг - 1970-тите.

9 февруари 2022 - 18:10