Градот Језд во пустината на централен Иран долго време бил центар на креативноста во овој дел од светот. Тој е дом на систем на древни инженерски потфати, кои вклучуваат подземни структури за ладење, подземен систем на наводнување, како и мрежа на курири на коњи кои биле претходници на современиот поштенски систем.
Еден од древните изуми е и „фаќачот на ветер“ или баџир. Овие неверојатни структури и денес можат да се видат над покривите на спомнатиот град. Тоа се често правоаголни кули, иако можат да се сретнат и како округли, квадратни, осумаголни и во други форми.
Потеклото на овие градби најверојатно е од древен Египет, но поради жешкото време во пустините тие се прошириле, олеснувајќи го животот во жешките и суви ирански висорамнини. Иако голем број од фаќачите на ветер денес не се користат, структурите го привлекуваат вниманието на архитектите и инженерите, кои почнуваат почесто да го посетуваат пустинскиот град за да видат каква улога би можеле да играат баџирите во светот кој забрзано се вжештува.
За да „работи“ овој систем не му е потребна струја, туку тој се потпира на две главни сили кои го спроведуваат воздухот низ и долж структурите: ветерот кој влегува во кулите и промената на неговата густина во зависност од температурата - потоплиот воздух има тенденција да се издигнува над постудениот, погуст воздух. Студениот пак се спроведува низ внатрешноста на зградата, додека потплиот ја напушта преку друга кула или отвор, потпомогнат од притисокот во градбата. Во сето ова улога играат обликот на кулата, целосниот дизајн на куќата, насоката кон која е свртена градбата, колку отвори има, височината итн.
Според истражувачите од Универзитетот Вебер Стејт во Јута, оваа древна технологија од Египет е стара околу 3.300 години. Градбите кои тие ги проучувале имале дебели ѕидови, мал број прозорци свртени кон сонцето, отвори за „вшмукување“ на ветерот насочени така за да ги фаќаат најчестите ветрови за тоа подрачје и излез за издувување на топлиот ветар на другата страна. Варијации на фаќачите на ветер можат да се најдат во Катар и Бахреин, Пакистан и други топли места.
Уште во 1977 историчарката на иранската архитектура Елизабет Бејзли напишала дека напредокот на модерните технологии на ладење е виновен за напуштањето на традиционалните методи во Иран. Ова според неа има врска со модата којашто доаѓа од западот и непрепознавањето на вредностите на сопствената културна историја.
Овој октомври се очекува современ „фаќач на ветер“ кој ќе биде изложен на Експо - светскиот саем во Дубаи во австрискиот павиљон да привлече големо внимание, а фирмата која го има направено како мрежа од конусни градби, била инспирирана токму од арапската верзија на истиот.