Овогодинешниот Новогодишен концерт на Виенската филхармонија не беше само репетитивно гудање во ритамот на познатите валцери, полки и оперски увертири. Програмата содржеше дури две композиции од жени, „Песната на сирените“ од Џозефин Вајнлих (1848-1887), основачка и диригентка на првиот женски оркестар во Европа, како „Валц на виножитото“ на Флоренс Прајс, првата Афро-американка која била признаена како симфониски композитор. Со тоа диригентот Јаник Незе-Сегaн најави еден поинаков концепт, кој кулминираше со Радецки марш изведен пред публика станата на нозе, која весело ракоплеска и игра во Музикферајн како да е во балканска кафана.
Јасно е дека при вакви преноси не може да се прави кој знае каква анализа на делата, но сепак мало истражување на контекстот во кој тие биле напишани и симболичкото значење кое го имаат не би биле „на одмет“ за следни преноси. Пред две години пишувавме за „инфлуенсерката“ на која ѝ бил посветен валцерот „Виенски слатки“ (Wiener Bonbons) кој тогаш беше на репертоарот. Оваа година се заинтересираме за насловот на едно дело, кое не ни се вклопуваше во стандардните за некој од лозата Штраусови. Композицијата е „Женско достоинство“ (Frauenwürde), а при преносот на МРТ беше најавен само со - „А сега да уживаме во женското достоинство“.
Идејата на Јозеф Штраус за една ваква композиција е поттикнатата од есеј на Фридрих Шилер, „За смерноста и достоинството“ (и песна со идентичен наслов „Достоинството на жената“) од 1793, во која познатиот германски поет и филозоф развива филозофија на женственоста која останала влијателна во германските говорни подрачја уште долго време (Јозеф Штраус е роден 1827). Според него женското достоинство лежи во „моралната автономија, која е изразена преку смерност, а не преку сила“. Оваа идеја ги вклучувала буржујските идеали на женственоста, салонската култура и социјалните и музички ритуали на 19 век.
Кога виенскиот валцер станува доминантен (18-19 век), веднаш е сфатен не само како забава туку и како општествена филозофија во движење. Тој вклучува контролирана интимност, елеганција без ригидност, баланс помеѓу прифаќањето и воздржаноста. Сите овие квалитети речиси совршено се вклопуваат во спомнатиот концепт на Шилер - комбинацијата на однесувањето на женската танчерка и „водењето“ на машкиот партнер, кој ја овозможува структурата и ритуализираната хармонија на слобода и контрола.
Секако, Штраус не алудира директно на Шилер, но поетот индиректно ја моделирал моралната имагинација на образованата средна класа, која играла на валцерите на Штраус. Оттаму таа ги нормализирала истите идеали, претворајќи ги во телесни движења. Накратко - Шилер ѝ дал на Европа од 19 век филозофија на женското достоинство како смерна морална слобода; Штраус создал „саундтрак“ за истата и ја отелотворил. Со тоа нееднаквоста само се естетизирала - жените навистина можеле да се движат слободно, но „тренирано“, условено, само во одредени кругови и при одредени услови. Лутината, одбивањето биле дефинирани како, во најмала рака, „недостоинствени“, а трпењето е сметано за доблест.
Оттаму, да истражиме малку пред да најавиме композиција која промовира вакво женско однесување со - „да уживаме во...“.