Вчера, 1.1., се одржа традиционалниот новогодишен концерт во Виена, овој пат под диригентство на Германецот Кристијан Тилеман. На програмата беше и еден од најпопуларните валцери со необичен наслов - Виенски слатки (Wiener Bonbons, најверојатно чоколатца како оние во бонбоњера, често полнети со алкохол).
Валцерот е запишан под опус 307 на Јохан Штраус помладиот, а прв пат е изведен на 28 јануари 1866 на бал на Здружението на индустриски компании во царската палата Хофбург, во срцето на Виена. Тој бил посветен на принцезата Паулина Метерних-Винебург, сопругата на тогашниот австриски амбасадор во Париз, позната по својот шарм и елеганција, но и по својот општествен ангажман. Меѓу другото била значајна промоторка на делата на Рихард Вангер и на чешкиот композитор Беджих Сметана. Нејзиниот истенчен вкус за облека биле поттик за создавање на индустријата на висока мода - прва облекувала нешто ново и откачено, а ја копирале сите што сакале да бидат некои и нешто, дури и царицата Eлизабета.
Но ова не е најинтересното од нејзината биографија. Во август 1892, таа учествувала во (замислен или реален) двобој со мечеви против грофицата Анастасија фон Килмансег. Кавгата започнала околу цветен аранжман на тогашната Виенска музичко-театарска изложба, каде овие благороднички биле во организациониот одбор. Легендата вели дека пред двобојот учесничките се соблекле до појас за да го намалат ризикот од инфекција на можните рани - сликата на две топлес аристократки ја опседнале фантазијата на уметниците и медиумите.
Со ваков карактер и појава, не е ни чудо што принцезата била инспирација на бројни уметници, меѓу кои и на Штраус. Настанот на кој бил изведен валцерот требало да послужи за собирање средства за изградба на германски бонлици во Париз, па оттаму композицијата комбинира виенски валцер со париска атмосфера. Како и сите настани кои ги организирала „инфлуенсерката“ Паулина, и овој бил крајно успешен.
Таа починала во Виена во 1921. Живеела низ подемот и падот и на Австриската и на Француската империја и била сметана за симбол на овие два загубени света. Нејзин портрет од францускиот импресионист Едгар Дега, насликан од фотографија (слика горе), денес се чува во Националната галерија во Лондон.