„Долина на нелагодноста“ (Uncanny Valley) во областа на естетиката е термин кој се употребува за означување на врската помеѓу степенот на сличност на одреден предмет со човек, и емотивната реакција која тој ја предизвикува. Концептот сугерира дека хуманоидните објекти кои личат на луѓе, но сепак имаат очигледни несовршености, поттикнуваат нелагодни чувства и одбивност кај набљудувачите. „Долина“ означува пад на афинитетот на човечкиот набљудувач кон репликата, која може да се зголеми доколку таа повеќе личи на човек.
Сега истоимена претстава на театарот Римини Протокол го поттикнува истото чувство со тоа што на својата сцена поставува монодрама во која единствениот лик е - робот. Идејата на режисерот Стефан Каеги е да создаде лик со којшто публиката, и покрај нелагодноста, ќе се идентификува. Тој е несовршен но просечен и ранлив.
Наједноставен начин роботот да биде убедлив бил тој да е направен според реален човечки модел, во случајов германскиот писател Томас Меле. Тој неодамна ја објавил книгата „Со светот на мојот грб“, филозофско истражување на сопственото биполарно нарушување, кое на режисерот на претставата му оставило голем впечаток. Меле пак се согласил да биде претворен во „аниматроник“, робот чиишто движења се однапред програмирани.
Ова не е прв пат да се користат роботи во театарски претстави. Српската кореографка Драгана Булут во нејзината Future Fortune комбинира танчари и хуманоиден робот, а јапонскиот режисер Ориза Хирата во својот Роботски театарски проект користи и роботи и човечки актери, при што ги спротивставува машините кои се симпатични на површината но не покажуваат никакви емоции со експресивните човечки тела. Минатата година, тим чешки научници и драматурзи креираа нова драма напишана од компјутер, а резултатот покажа големо количество репетитивен дијалог и преокупација со секс.