Во јануари 1958 во седиштето на ЦИА пристигнал таен пакет. Содржел две ролни филм од британските разузнавачи - слики со страници од руски роман насловен „Доктор Живаго". Сугестијата на Британците до нивните колеги од САД била да се отпечатат копии од книгата, и тие да се урфлат зад Железната завеса.
Идејата звучела одлично, па во меморандум до сите шефови на ограноци во СССР од 2. јануари 1958, ЦИА известува за план според кој, паралелно со излегувањето на англискиот превод, би се дистрибуирале и копии на руски, и тоа не само на советските граѓани, туку и на жители на целиот Источен блок. На тој начин, како што се објаснува во втор меморандум од 24. април истата година, „советските граѓани ќе почнат да се прашуваат што не е во ред со нивната власт, кога едно прекрасно книжевно дело од човек за кого се смета дека е најголем жив руски писател, не е достапно во нивната сопствена земја, и на нивниот сопствен јазик".
Така и се случило - книгата била печатена во 1959 Холандија, во тврд повез, како и во џепно издание во мек повез. Првата дистрибуција се случила на Светската изложба во Брисел, каде биле присутни дури 16,000 советски граѓани. Следело раздавање на околу 2,000 копии на руски и источноевропски студенти на „Светскиот фестивал на млади и студенти, за мир и пријателство" во Виена. Меѓу делата кои тогаш доаѓале до рацете на младите биле и Орвеловите „1984" и „Животинска фарма". Целата акција околу книгата, како и подоцнежното доделување на Нобел за книжевност на Пастернак, се смета за една од најголемите културни бури во текот на Студената војна.
ЦИА ги „ценела" книжевните дела на Џојс, Хемингвеј, Елиот, Достоевски или Набоков, користејќи ги за суптилна пропаганда. Во текот на Студената војна повеќе од 10 милиони примероци книги и списанија биле тајно дистрибуирани во Источниот блок. Доколку некое дело било забрането во Советскиот Сојуз, дотолку тоа било поинтересно, па во оваа смисла „Доктор Живаго" бил златна шанса за ЦИА. Главниот лик, кого веројатно го знаете и од книгата и од филмот со Омар Шариф, алтер-его на Пастернак, е отворено религиозен и индиферентен кон очекувањата на социјал-реализмот, а самиот автор бил познат по тоа што им помагал со пари на родинините на луѓето кои биле испратени на гулаг, се залагал за ослободување на оние обвинети за политички злосторства и не ги потпишувал петициите за егзекуција на државните непријатели.
Новооткриените документи во врска со вмешаноста на ЦИА во целата работа биле обезбедени на барање на авторите на една нова книга, „Аферата Живаго", која ќе излезе на 17 јуни, иако од нив било побарано да ги отстранат имињата на замешаните функционери, партнерските организации и извори.