Безоглед и Господзнае: необичните лични имиња во Зимбабве

Во училиштата во Зимбабве може да се сретнат деца со најразлични имиња – оние традиционалните на јазиците шона, ндебеле, цонга, венда и многу други етнички заедници. Има и европски имиња, како Примроуз, Џенет, Рут, повеќе Питери, Гилберти или Џонови. Но постои и трета група имиња на англиски кои звучат во најмала рака необично: Хевалук, Психолоџи, Бигбој, Авериџ, Бихејвјор и Годноус. Зошто некој би им дал вакви имиња на своите деца?

Во епизода од подкастот 99% невидливи, авторката родена и порасната во Зимбабве, Ким Чаканетса, ја истражува историјата на давањето имиња во оваа земја. Во нејзиното семејство има братучед по име Адмајр (Восхит), чичко по име Бир (Пиво) и золва со име Иносент (Невина). Таа се сеќава дека во минатото работела со луѓе по име Хардворк (Трудољубивост), Риворд (Награда) и Лавмор (Сакајповеќе).

Чудните имиња на Зимбабвеанците се хит на социјалните мрежи, коментарите се мешавина на хумор и љубопитност, но често содржат и потсмев. Се поставува прашањето: зошто овие необични англиски имиња се толку популарни и често поприсутни од имињата на шона, ндебеле, тонга или други автохтони јазици? Историјата на Зимбабве под британски колонијализам е исклучително болна, па на прв поглед изгледа тешко да се помири со ваквата популарност на англиските имиња.

Корените на оваа појава се многу постари од самата држава Зимбабве. Во традицијата на шона, имињата имале јасна комуникативна функција. Тие ги отсликувале надежите, постигнувањата, тагите и проблемите на семејството. Со името се испраќала порака – и до заедницата и до соседите – за тоа кои сме и низ што поминуваме. Жена која е постојано малтретирана од сватовите можела да си ја крсти ќерката Нетсаи, што значи „досаѓање“ или „мрчење“ и со тоа цел живот да им „враќа“ извикувајќи го нејзиното име. Татко кој има тежок живот може да го крсти синот Намо, што значи „несреќа“ или „тежок живот“. 

Но по доаѓањето на британските колонизатори на крајот на 19 век и формирањето на тогашна Родезија (поранешно Зимбабве), новата власт се обидела целосно да го преобликува идентитетот на африканското население – од начинот на облекување до јазикот и културата. Во таа хиерархија, англискиот јазик станал јазик на моќта. За Африканците, неговото познавање значело барем мал напредок – подобра позиција на фарма или во фабрика. Традиционалните практики, вклучително и старите начини на именување, постепено биле потиснати. Домородните имиња опстанале главно во приватниот простор, додека во училиштата и на работните места доминирале англиските.

Сè почнало да се менува во 1960-тите, во период на силни политички превирања. Кога белите доселеници прогласиле независна Родезија, станало јасно дека власта ќе остане исклучиво во нивни раце. За мнозинското африканско население тоа било точката на пресврт. Под влијание на движењата за независност низ Африка, Африканците во Родезија започнале отворен отпор – и вооружен, и симболичен. Еден од тие симболи било отфрлањето на европските имиња и враќањето кон африканските, често полни со пораки за отпор и непокор. Се појавиле имиња што директно зборувале за угнетувањето и борбата, како Теураи Ропа (Крвопролевање) или Чибечитеца (Непокорен).

По 15 години војна, земјата во 1980 година конечно стана независна и го доби името Зимбабве. Иако новата држава задржа многу елементи од британскиот систем – од образованието до англискиот како официјален јазик – токму имињата станаа простор за слобода, игра и експериментирање. Во независно Зимбабве, луѓето почувствувале дека можат слободно да го користат англискиот, да ги кршат правилата и да го приспособуваат јазикот според сопствените потреби. Така, имиња со силна порака на шона биле преведувани директно на англиски, а библиски имиња се појавувале и во превод на домородните јазици.

Денес, 45 години по независноста, ваквите имиња се насекаде – од фудбалери и политичари до уметници. За нивните носители, тие не се случајни, туку полни со значење и лична мотивација. Економската криза во последните децении доведе до масовна миграција, па светот денес е многу повеќе запознаен со оваа уникатна традиција. Таков пример е комичарот Лернмор Џонаси, кој живее во Лос Анџелес. Тој порано се нарекувал Лонг Џон, но сега го користи своето родено име, Учиповеќе, за да ја раскаже приказната на својата земја.

3 февруари 2026 - 09:25