„Етимос“ - старогрчки за „вистински“, „реален“, „автентичен“. Од таму „етимон“ - оригинална форма или корен на одреден збор. Етимологија, дел од лингвистиката што го проучува потеклото на зборовите, па дури, како во примеров, и потеклото на зборот „етимологија“.
Емилија Нешкоска-Чретник за своја определба во областа на проучување на јазикот ја одбрала токму етимологијата. Но истовремено го направила навидум малиот, а кај нас често тешкиот исчекор од академските кругови, создавајќи го порталот „Етимотека“.
Тој според планот треба да има три дела - Етимолошки речник на македонскиот јазик, Етимолошки материјали за македонскиот јазик и Блог. „Мојата визија е да изградиме етимолошка архива на македонскиот јазик – јасна, отворена и достапна. Да го запишеме она што досега било и да го поврземе модерниот македонски збор со неговиот прапочеток“, вели таа во делот „За мене“. Во моментов најполн е делот со блог постови, каде се третира, на пример, врската помеѓу ајварот и кавијарот, пчелата и бикот или врската помеѓу „чекор“ и сувото, исушено дрво или „чкор“.
Веднаш ја побаравме за интервју Емилија, чие име (велат онлајн етимолошките речници) потекнува од латинското Aemilia, со значење работна, трудољубива.
Кој беше моментот кога премина кон етимологијата како твоја главна научна определба?
На Филозофскиот факултет во Словенија, на Одделот за славистика, имав предавања од областа на историјата и споредбените проучувања на словенските јазици. Оваа област дефинитивно ме освои. Дијахронијата на јазикот е како археологија. Сѐ што денес постои е јасно видливо, но доколку сакаме да дознаеме како било порано, мораме да истражуваме и да копаме длабоко во јазикот. Знаев дека сакам да се занимавам со оваа наука, но не бев сосема одлучна што точно би работела во иднина.
Пресвртен момент беше истражувањето што го направив на предавањата по предметот Вовед во етимологија, кога ја анализирав етимологијата на името на градот Прилеп. Токму таа задача ја разбуди мојата трајна пасија кон етимологијата. Секако, ’крив‘ беше и мојот ментор, акад. проф. д-р Марко Сној, кој ми ја предложи идејата за отпочнување со пишување на Етимолошкиот речник на македонскиот јазик. Од тој момент започнав научно да се занимавам со етимологија во склоп на своите магистерски и докторски студии.
На што се должеше преминот од Скопје во Љубљана? Зошто се вели дека овој град претставува еден од етимолошките центри на Балканот?
Како македонистка во рамките на студиската програма на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ имав предмети Старословенски јазик и Споредбена граматика на словенските јазици. На почетокот овие предмети ми претставуваа предизвик, бидејќи беа поразлични од другите предмети. Имено, на предавањата ѝ се посветувавме на историјата, на развојот и споредбата на словенските јазици. Некако добив чувство дека сакам тоа знаење да го продлабочам.
Во 2015 година добив стипендија за Република Словенија и дојдов на Филозофскиот факултет во Љубљана каде што постои Одделот за славистика, во чиишто рамки постои и смерот Компаративна и историска лингвистика на словенските јазици. Уште од самиот почеток знаев дека токму на овој смер ќе го продолжам своето образование, па затоа неколку години подоцна се запишав на постдипломски студии, а потоа и на докторски.
Зошто баш Љубљана? Затоа што имаат долга традиција. А, кога велам долга традиција, мислам на следново – поседува стручна литература која излегувала во печат последните 150 години и во поголем дел постои само во печатена форма. Како второ, Институтот за словенечки јазик „Фран Рамовш“ поседува специјална компјутерска програма за уредување и процесирање на речничките бази во форматот xml, која поддржува употреба на посебни знаци и во која се пишуваат етимолошки речници. И најважно, постојат професионалци од областа на етимологијата и историската лингвистика кои зад себе имаат напишано и оставено огромни трудови од областа на овие научни дисциплини.
Во Македонија, дури сега, во декември 2025, се појави прв том на Етимолошки речник, на авторот Гоце Цветановски. Дали можеби си го видела или делови од него? Има ли разлики во пристапот?
Речникот кој е излезен во печат сѐ уште го немам добиено, но ги имам погледнато првите два броја од истиот автор во списанието Etymologica Macedonica, кои претпоставувам се инкомпорирани во првиот том од речникот кој го споменувате.
Што се однесува до пристапот, разлики има и истите се очигледни. Стручниот дел би им го препуштила на поискусните етимолози да го оценат пристапот и начинот на кој се изнесени пред сѐ јазичните факти и начинот на кој се елаборирани македонските зборови, кои, се впрочем најголем предизвик за еден македонист етимолог. Јас би можела да го коментирам техничкиот дел, за кој чинам дека доста се разликува. Во 21-ви век постојат посебни програми за пишување на речници, особено на етимолошки. Гореспоменатите два броја од списанието EM се пишувани рачно, претпоставувам во Вордова датотека, што се одразува врз квалитетот и конзистентноста на визуелниот изглед на самиот речник.
Како изгледа процесот на создавање етимолошки речник – од изборот на збор до конечната анализа?
Тука би можела да напишам еден цел труд. Но, секако, ќе скратам. Најнапред, неопходно е да се има јасно дефиниран концепт според кој ќе се води изработката на речникот. Станува збор за исклучително комплексен тип на речник, во кој се инкорпорираат бројни елементи и одредници, секоја со своја специфична функција и место во структурата. Две години му се посветував на концептот, кој беше меѓудругото и мој магистерски труд со наслов Концепт на Етимолошкиот речник на македонскиот јазик. Потоа благодарение на Шинаси Деребеј (основач на порталот Дигитален речник на македонскиот јазик) и Ѓоко Николовски (професор на Филозофскиот факултет во Марибор) добив список на најчесто користени зборови во македонскиот јазик. Понатамошната работа се сведува врз етимолошка анализа на зборовите, која зависи од тоа дали зборот е од домашно или туѓо потекло.
Секако тоа не е сѐ. По етимолошката анализа следува преглед од етимолози. Најпрво прегледот го прави мојот ментор, акад. проф. д-р Марко Сној, на кого му должам огромна благодарност за поддршката, трудот и мотивацијата што ми ја пружа од самиот почеток на моите истражувања. И на крај трудот поминува и низ рацете на полскиот лингвист и доцент на Одделот за словенска филологија во Лоѓ, Марек Мајер.

Кои се најголемите методолошки предизвици во ваков еден долг и индивидуален проект?
Најголемите предизвици се сведуваат врз оние зборови кои не се доволно истражени. А, секако, тоа се македонските зборови кои не се етимологизирани во ниеден речник и морате сами да дојдете до научнозаснована етимолошка анализа. Нема да изнесувам многу податоци за ова – сами можете да прочитате за зборовите чекор, глушец, време, гаждаре и слично, кога ќе биде објавен првиот дел од речникот. Тука доаѓа предвид и недостатокот на историски податоци за македонската лексика. Пред сѐ мислам на историските речници на македонскиот јазик, кои ниту една научна институција во земјава не ги поседува, а се од исклучителна важност за етимолошки истражувања на еден јазик. Непоседувањето на вакви извори не само што го отежнува процесот на истражување, туку ја ограничува и прецизноста на споредбените анализи, кои се темел на секоја сериозна етимолошка интерпретација.
Дали веќе си наишла на зборови чие потекло те изненадило или ја променило твојата претходна претстава?
И тука би можела да напишам една книга, но ќе бидам кратка. Да, се
разбира. Етимологијата е неверојатна наука која секогаш може да ве
изненади. Ќе посочам неколку примери. Никогаш не би си помислила дека зборовите пес и писмо имаат заедничко потекло. Или пчела и бик (за ова повеќе тука).
Ако навлезам малку подлабоко, дури и поинтимно, тогаш морам да споменам дека заедничкото потекло на вагина и ванила беше едно од поголемите изненадувања што сум ги доживеала во своите истражувања.
Како се роди идејата за „Етимотека“ – и зошто беше важно етимологијата да излезе надвор од академските кругови?
Затоа што чинам дека барем меѓу јужнословенските јазици, а можеби и пошироко, не постои портал од ваков калибар кој ќе нуди нешто поинакво. Порталот „Етимотека“ е портал кој тежнее кон тоа една научна дисциплина, каква што е етимологијата, на поедноставен начин да ѝ ја доближи на јавноста.
Како балансираш меѓу научната строгост и потребата текстовите да бидат читливи и разбирливи?
Балансирањето меѓу научната строгост и читливоста на текстот понекогаш претставува значителен предизвик. Научните факти не се секогаш лесни за претставување на начин што е истовремено интересен за пошироката публика. Кога го објавив својот прв блог-текст со наслов Што имаат заедничко ајварот и кавијарот?, добив голем број неочекувани реакции. Тие, а пропо, пред сè беа резултат на тоа што дел од читателите се задржаа само на насловот, без да навлезат во самата содржина, а дел како спонтан отпор кон идејата дека две толку различни јадења не можат да имаат ништо заедничко.
Блог-текстовите што ги објавувам претставуваат еден од начините да ги подготвам корисниците за критичко читање и користење на Етимолошкиот речник, кој по својата природа е комплексно дело исполнето со бројни изненадувања. Би сакала повторно да подвлечам дека ова не е толковен речник во кој сè е јасно и директно. Напротив, етимологијата е алатка што ни овозможува да разбереме како размислувале нашите предци и како ги користеле зборовите низ времето.
Дали си отворена за предлози или прашања од читатели на кои би одговорила на твојот блог?
Се разбира, прашањата се секогаш добредојдени и доколку се во мој домен, читателите секогаш добиваат соодветен одговор.
Колку етимологијата може да ни помогне подобро да ја разбереме историјата, контактите и културните слоеви на Балканот?
По секој етимологизиран збор сум изненадена и воодушевена што имам нова информација во однос на патот кој го минувале зборовите за да дојдат до формата која ја имаме денес. Тој пат е испреплетен со многу неверојатни факти, кои ни помагаат да разбереме зошто користиме на пример бирократија, а не бирокрација, зошто аптека, а не апотека, зошто имаме витез и викинг и слично, зошто еден ист збор, каков што е староиндискиот pippalī, денеска постои во четири различни форми – пипер, бибер, пиперка и феферон (повеќе тука).
Дали секој збор носи своја „биографија“? Постои ли збор што, според тебе, особено добро ја раскажува историјата на македонскиот јазик?
Да, секој збор е единствен сам по себе. Но, има зборови кои се особено интересни и значителни за македонскиот јазик. Ќе посочам неколку примери. По форма зборот чекор е единствен во македонскиот јазик и не постои во ниеден друг словенски ниту индоевропски јазик. Зборот збор е по значење единствен во македонскиот јазик. Другите словенски јазици го имаат како r(ij)eč, beseda, дума, slovo итн. Исто така многу ме изненадија и зборовите боливач и глушец. Нема да го пренебрегнам и зборот врне чија етимологија е доста интересна.
Каква е твојата визија за „етимолошка архива“ на македонскиот јазик на подолг рок - колку делови замислуваш дека би имал речникот што го составуваш и што понатаму?
Мојата првенствена визија не е само да го завршам Етимолошкиот речник на македонскиот јазик кој ќе стои само на полиците во националните библиотеки. Првенствено би сакала таа граѓа да ѝ ја доближам на македонската јавност и да ја запознаам со една поинаква слика за македонскиот јазик. Сакам Македонците да ги запознаам со сопствената култура од поинаков начин и со она што нѐ прави посебни во споредба со останатите Словени. Се разбира тука е потребна пред сѐ поддршка од сопствениот народ. Инаку, речникот би требало да излезе во пет тома. И понатаму ќе се пишуваат статии, а наскоро ќе излезе и мојот докторски труд во кој јасно ќе се види колку зборови во македонскиот јазик се од туѓо потекло, а колку од домашно.
Што би сакала да се смени во односот кон етимологијата во македонската лингвистика и образование?
Што и да кажам, би било доста тешко изведливо. Споредувајќи ги
љубљанскиот и скопскиот центар, би рекла дека во Македонија не постои никаква етимолошка традиција. Како прво ни фалат експерти етимолози, кои своето знаење би го предавале на стручен и систематичен начин. Кога велам ‘етимолози’, мислам на стекнато соодветно образование во некои од етимолошките центри, каков што е љубљанскиот.
Eтимолог не се станува ’преку ноќ‘. За сериозно и одговорно етимолошко истражување неопходно е насочување кон оваа област уште во текот на универзитетските студии. Тоа го потврдуваат примерите на врвни истражувачи, на пример Јасна Влајиќ-Поповиќ во Србија и Љубор Кралик во Словачка. Следствено ни фали научна литература и се разбира заинтересирани студенти. Без интерес нема наука – тоа е sine qua non за секој научен напредок.
Дали имаше каква било поддршка од Македонија?
Во неколку наврати, меѓудругото и преку Нова Македонија, каде што јасно го потенцирав проблемот од немањето етимолошки речник, не успеав да обезбедам финансиска поддршка, бидејќи надлежните институции немаа слух за овој проект. Барајќи средства од Македонија, добив понуда да се вработам во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, но не на работата на Етимолошкиот речник, туку на црковнословенските текстови од македонска редакција. Понудата, се разбира, ја одбив, сметајќи дека не е стручна и одговорна постапка да прифатам ангажман за кој не сум доволно компетентна. Така, останав без финансиска поддршка и овој проект продолжив да го развивам исклучиво како резултат на сопствениот ентузијазам и љубов кон македонскиот јазик.