Во јануари најавивме дека Амазон воведува награда за автори кои самообјавуваат на Киндл. За „Киндл раскажувач“ можат да конкурираат автори кои пишуваат на англиски, во било кој жанр, за дела објавени на платформата Киндл дајрект паблишинг. Наградата од 20.000 фунти се доделува на книга која е одбрана преку комбинација на читателски интерес и мислење на „внимателно одбрано жири“.
Наградата за оваа година ја понесе археолошкиот трилер „Ловци на реликти“ (The Relic Hunters), самиздат од Дејвид Лидбитер.
Според авторот, книгата е „како холивудски блокбатер на хартија“. Таа ја раскажува приказната на шверцерот со археолошки артефакти Гај Боди, кој е спасен од ЦИА од пеколен мексикански затвор, како услов тој да им помогне на Американците да откријат што се случило со едно од седумте древни чуда на светот.
За наградата оваа година имало илијадници пријавени, а списокот е скратен на шест наслови врз основа на податоци за продажбата, рејтинзи од читателите и нивни осврти. Во финалето влегле книги од прилично различни жанрови, како мемоар за првиот човек кој со едрилица на ветер ја заобиколил Британија и лезбејската романса „Загубена во тебе“. Потоа е ангажирано жири кое вклучило писатели и актери како и членови на Амазон букс, кои на крајот се одлучиле за Лидбитер.
Тој изјавил дека објавува дела онлајн во последниве пет години, а за првата книга чекал шест месеци за да почне да се продава. Инаку трговец со градежна опрема, тој ги напишал првите четири дела за по една ноќ.
Кога продажбата на овие четири романи тргнала, тој целосно се посветил на пишувањето, и сега има објавено повеќе од 20 трилери за кои проценува дека се имаат продадено во повеќе од 750.000 (електронски) копии. Иако сега му пристапуваат и традиционални издавачи, тој повеќе сака да настапува сам, затоа што тоа му овозможува поголема слобода.
Освен паричниот дел од 20.000 фунти, наградата исто така вклучува и обемна маркетинг кампања и шанса книгата да биде преведена, а следното дело „менторирано“ од поискусен писател.