Добитниците на Прицкеровата награда за 2021: „Никогаш не руши“

Највисокото светско признание за архитектура некогаш се доделуваше за екстравагантни и револуционерни креации. Оваа година отиде кај француско дуо чие мото е - понекогаш е најдобро да не правиш ништо.

Кога фирмата Лакатон и Васал (Lacaton&Vassal) добила нарачка да го редизајнира плоштадот во Бордо, Франција, планот на сопствениците бил необичен. Едноставно му рекле на клиентот - да го остави просторот раат. Сметале дека плоштадот бил совршен онаков каков што е, и дека јавните пари можат да се потрошат подобро, на нешто друго.

„Кога одиш на доктор“, вели Жан-Филип Васал, „ тој може да ти каже дека си ок, дека не ти е потребен лек. Архитектурата треба да функционира на истиот начин. Ако посветиш време да набљудуваш, и да гледаш многу детално, понекогаш одговорот е да не преземаш ништо“. Во Бордо дијагнозата на архитектите била дека на просторот му е потребна само нова калдрма.

Васал и неговата партнерка, Ан Лакатон, изградиле 30-годишна кариера врз основа на еден навидум едноставен метод - како да интервенираш во просторот со најекономични средства, без притоа нешто што постои да се руши во името на новото и посјајното.

Нивни досегашни дела вклучуваат современи уметнички центри, но и проекти за социјално домување. Секогаш цртаат рачно, работат со мали буџети и користејќи едноставни материјали, „за да се постигне повеќе и подобро со помалку“. Нивните методи се покажуваат како нужни во светлина на климатските промени, но и на економската криза која неодминливо ќе ги погоди, и веќе погодува, голем број земји. Само еден пример е доволен за илустрација на нивниот пристап: во раните 2000-ти кога француската држава алоцирала 167.000 евра за рушење и повторно градење на еден стан, тие докажале дека со истата сума е можно да се редизајнираат, прошират и надградат три станови со иста големина.

Нивните дела, за кои го добија престижното признание, највисоко во областа на архитектурата, можат да се видат тука

16 март 2021 - 19:43