Хартвиг Фишер, директорот на Британскиот музеј, даде оставка, поради лошото водење на постапката која треба да открие каде се бројни вредни предмети од колекцијата. Исчезнатите засега се водат како потенцијално украдени (поверојатно) или „забаталени“ во некои од магацините (помалку веројатно), поради лошо водената евиденција. Ова поттикна меѓународен сеир и домашни прашања за системски потфрлувања не само на конкретниот музеј туку и на надлежните.
Првите јавни предупредувања дека нешто се случува во Британскиот музеј се појавија во 2021, кога медиумите напишаа дека постои сомнеж за исчезнати, украдени или оштетени предмети. Информацијата протекла од Итаи Грејдел, автор, професор и трговец со антиквитети, кој го вклучил алармот. Сега, кога се покажува дека тој бил во право, тој вели дека бил третиран како „селскиот идиот“ од страна на раководството на Музејот, а дека кражбата на деценијата успеал да ја разоткрие после повеќе години детективска работа.
Најинтересно е што од 1500-те предмети колку што Грејдел тврди дека недостасуваат, дури 942 воопшто не се регистрирани во официјалната документација. Музејските досиеа ја опишуваат колекцијата во целина, но без детали за поединечните предмети. А ако тие не можат да бидат идентификувани, како би можеле да бидат откриени и вратени?
Токму затоа британските експерти и јавноста стравуваат дека тие никогаш нема да бидат пронајдени. Според самиот музеј, 4.5 милиони од 8-те милиони предмети во збирките се веќе додадени во јавната датабаза. Кога пазарел на и-беј Грејдел идентификувал три од 70-те предмети кои ги купил како сопственост на БМ. Но со оглед на (намерно или случајно) некомплетната документација нивниот број е веројатно многу поголем. Тука не станува збор само за целосни предмети, туку и делови - на пример златен грчки накит кој бил исечен на парчиња или чија позлата била отстранета.