Врз основа на големиот број афоризми во врска со пријателството, бракот, сексот и моќта на Ниче (оние кои навистина можат да се најдат во неговите дела, а не оние лажните кои кружат онлајн), статија објавена во Индо-пацифичкото списание за феноменологија, се обидува да сумира што мислел филозофот во врска со институцијата „брак“ и околу тоа дали има креативни начини за тој да претставува поуспешна меѓучовечка врска. Иако денес голем дел од неговите идеи делуваат политички некоректно, во сето тоа има и корисни совети. Всушност, самиот тој пророчки забележал дека светот нема да биде подготвен за нив до „некаде околу 2000-тата година“.
Не влегувај во брак поради љубов (земи се со некој грд, но со кој имаш муабет)
Пред да се закаже кај матичар, Ниче советува човек да си го постави прашањето: „Дали мислиш дека ќе уживаш разговарајќи со овој човек и на старост? Сè во бракот е минливо, но голем дел од вашето време ќе биде поминато во разговор“. Оттаму, да се биде заинтересиран еден за друг е бескрајно поважно за успехот на врската отколку физичката привлечност. Многу години пред комедијата „Кога Хари ја сретна Сели“ Ниче промовирал став според кој за да се задржи пријателство помеѓу маж и жена е потребна „мала физичка антипатија“.
Правете супер-бебиња
Кога луѓето се земаат (и се репродуцираат) од љубов, природната селекција е базирана на случајност. Човештвото е способно за прекрасни нешта, но поединците самите се ограничуваат затоа што се занесуваат со романтични идеи за бракот. Всушност најголемиот интерес на поединецот би требало да биде да се ожени не за љубов, туку за да создаде силно, здраво и добро образовано потомство. На овој начин, преку внимателно бирање на репродуктивните партнери, се градат цивилизации и еволуира човештвото. „Репродуцирајте се не само нанапред (во времето), туку и нагоре“, вели тој во Заратустра.
Никогаш не ветувај вечна љубов
Ако романтичната љубов е ефемерна, тогаш ветувањето дека засекогаш ќе сакаш некого е апсурдно и чиста лага. Љубовта која трае доживотно е исклучок, не правило. Таа е чувство, чувствата се неволни и оттаму не може да се направи ветување врз основа на нешто што човек не може да го контролира.
Она што сепак може да се вети се дејства. Во брачните завети може да се вклучи нешто како „Сè додека те сакам ќе ти пружам дејства согласно таа љубов; но ако престанам да те сакам ќе продолжам да го правам истото, иако од други мотиви“. Ова нема да биде измама, бидејќи ветуваме да дејствуваме како да сме се уште заљубени, а не го ветуваме самото чувство (просто затоа што тоа не е во нашата моќ да го контролираме).
Обидете се со сериска моногамија
За да се одбегне проблемот на привремената природа на романтичната љубов, зошто луѓето однапред да не се согласат на краткотрајни бракови? Самиот Ниче во еден момент ја разгледувал опцијата за двегодишен брак за себе. Вака го опишал тоа во „Весела наука“:
„Ние сме два брода, секој со своите цели и патека; може да се допреме и да го прославиме тоа заедно - тогаш добрите бродови тивко се закотвени во едно пристаниште и под едно сонце, па може да изгледа како веќе да го имаат завршено патувањето и дека имаат иста цел. Но тогаш божествената сила на нашите проекти повторно ќе нè раздели, во различни мориња и сончеви зони“.
Овие краткотрајни но длабоки врски тој ги нарекува „ѕвездени пријателства“ и иако некои од неговите не поминале баш најдобро, тој сепак ги слави и верува во нив. Применувањето на истиот концепт кога е во прашање романтичната љубов носи ризик не само затоа што љубовното чувство може да исчезне, туку и затоа што луѓето со текот на времето се менуваат.
Шарај малку на страна (важи само за мажи)
Дали може една жена да биде добра сопруга, пријател, помошник, мајка и домаќинка? Ниче смета дека сите овие улоги и очекувања прават голем притисок врз жената. Што е многу, многу е, вели тој, но решението според него не е таа да биде ослободена од готвење, перење, раѓање, чистење, туку од сексуалниот дел (бидејќи не се ни зела со мажот поради тоа). Тој промовира конкубинат, односно некоја друга да ја игра улогата на задоволувач на страстите на сопругот. За сопругата не сугерира вакво решение, бидејќи според него таа не е сексуален „ѕвер“ како мажот и нема потреба од задоволување на такви пориви.
Дозволете му да се мачи
Оставањето мажот по малку и да страда, со тоа што нема да му се удоволува баш сè, го прави да се чувствува помажествен и оттаму и подобар сопруг. „Мора да бидеш подготвен да изгориш во сопствениот пламен - како инаку би можел да станеш нов ако најпрвин не станеш пепел?“. Како и пораѓањето, големите креации и достигнувања се мачни - сè поврзано со раст и со иднина вклучува болка. Неговата најславна максима, „Она што не ме убива, ме прави посилен“ е нешто во што длабоко верувал. И повторно изгледа се однесува само на мажите.