Од бројните критики, кои засега се воедначени во негативните оценки, е малку тешко да се разбере за што станува збор во романот. Извесен Боб од Калифорнија учествува во војната во Ирак, но и на сите други локации во книгата каде што стапнува се случува нешто насилно. Тоа е веројатно единствениот заеднички содржател за голем број епизоди кои не се на ниту еден друг начин поврзани едни со други.
Помеѓу има расистички и мизогинични забелешки, но тоа изгледа и не е најважно. „Зборовите во книгата не се само злоупотребени, тие се ставени на погрешно место, до момент кога прозата на Пен делува повеќе како да ја генерирал бот, а не човек“, вели коментатор во Ајриш тајмс. Други го вбројуваат ова дело во серијата лоши „селебрити“ книги, како оние на Памела Андерсон или Чарли Шин. Но тие се дури и просечни во однос на оваа на Пен, која евентуално може да се спореди со романот-промашување на Морисеј (за која пишувавме тука)
Во великодушната пофалба на книгата на самата корица, напишана ни помалку ни повеќе туку од Салман Ружди, се вели дека Томас Пинчон и Хантер С Томпсон би ја обожавале оваа книга. Но ова се икони на контракултурата, кои ги опишуваат на сировите и мрачни делови од американскиот живот за да доловат нешто поуниверзално за човечкото постоење. Во „Боб Хани“ Пен се разоткрива единствено самиот себеси - како неталентиран автор.
Во шоуто на Конан во четвртокот вечер тој одговори на бројните хејтери велејќи дека е премногу стар и премногу успешен за да му е гајле. А заплетот на книгата го објасни со следново: „Има тема поврзана со озонот, со ангажманот со социјалните медиуми и оттаму со глобалниот конзумеризам“. На човекот - накратко - му се може.