„Вообичаено е во овој вид статии да ви кажеме дека ние читаме некоја книга за вие да не морате да го правите тоа. И обично тоа е мала зафрканција. Но во случајот со оваа книга тоа е апсолутно точно. Немојте случајно да сте ја читале, не се заморувајте со неа, без оглед колку предизвикувачки кратка ви изгледа".
Вака страшно звучи првата критика за дебитанскиот роман на Морисеј, „Список на изгубените“, која излезе во Гардијан само 11 часа по официјалното објавување на книгата. Самиот пејач ја има опишано како книга за демонологија и црна магија. Приказната се врти околу американски спортски тим кој трча штафета во 1970-тите, кој случајно убива некакво натприродно суштество. Тоа потоа ги казнува со смрт сите негови членови, кои умираат под чудни околности еден по друг. „Тој е животна сила на инкарниран ѓавол, затоа неговата смрт на почетокот на книгата е всушност илузорна", вели Морисеј. Инаку ликот се вика Феч, а неговата супер-херојска моќ очигледно е проколнувањето.
Дури и само ова би требало да сигнализира дека или Морисеј сериозно откачил, или дека едноставно не го бива за пишување романи. Што би рекол истиот критичар, со неговите софистицирани зборови, „сите оние кои учествувале во нејзиното печатење треба засрамено да ги наведнат главите, затоа што единствено крајно суетен издавач можел да стави нешто волку лошо помеѓу корици. Ова е неполирано срање од книга, застојан измет на Морисеевата имагинација".
Целата прекрасна рецензија тука. Со неа авторот станува многу сериозен кандидат за годишната награда „Секирче на годината" која во Британија се доделува за најостра критика.