Дали сте оговарач, ловец или танчар?: нова книга за феноменот на љубопитноста

Љубопитноста, според една англиска поговорка, ја убила мачката. Но што претставува таа? Од каде доаѓа и како функционира? Нова книга, напишана од идентични близнаци - филозоф и биоинженер, се обидува да одговори на овие прашања.

„Љубопитни умови: моќта на поврзувањето“ е нова книга на близнаците Пери Зурн, филозоф и Дани С. Басет, професор по биоинженерство. Во неа тие ги истражуваат невролошките, историските, филозофските и лингвистичките основи на љубопитноста.

Нивниот интерес за оваа тема бил поттикнат од нивната баба, која имала подрум полн со антиквитети, столици, книги, кристални чаши, сребрен прибор, слики и копчиња. Ова за нив бил неофицијален кабинет на необичности кој влијаел врз нивните млади умови, кои на овој начин се заразиле со „болеста“ на љубопитноста. Барем така ја опишал Плутарх, кој истовремено препорачал и лекови против неа - оставање неотворени писма (денес мејлови) кои ќе ви пристигнат; немање секс со партнерот; необрнување внимание на интригантен звук во далечина и други нешта на кои човек тешко одолева. 

Книгата со оглед на различните области на кои им припаѓаат авторите е мултидисциплинарна, па во неа може да се случи да има 25 страници посветени на центрите за мотивација во мозокот, за потоа да следат пасуси за делата на јапонскиот поет Наоки Хигишида. 

Близнаците растеле со уште девет браќа и сестри во селска средина во Пенсилванија со огромна доза слобода. Не оделе на училиште туку биле школувани дома, со тоа што главната „училница“ им била надвор. Љубопитноста која ги следела низ детството потоа ги натерала да ја испитуваат самата љубопитност, и тоа цели седум години. Нивната нова книга ја опишуваат како кулминација на тој процес.

Со оглед на тоа што невронауката во моментов не е подготвена да ја дефинира љубопитноста, односно да ја означи разликата помеѓу неа и други когнитивни процеси, одговорот бил побаран во филозофијата и другите општествени науки, според кои љубопитноста е нешто што подразбира вмрежување и ширење на таа мрежа, преку поврзување идеи, факти, перцепции, сетилни впечатоци и податоци. 

Според книгата, има три типа на љубопитници: оговарачи („свекрви“), ловци и танчари, кои одговараат на три архетипи или стереотипи. Oговарачот сака да знае сè за сè и како пеперутка лета од тема на тема. Ловецот има фокусирана љубопитност и трага по нови откритија како ловечко куче. Танчарот креативно се движи низ знаењето, потпирајќи се на својата имагинација. Авторите ги развиле овие модели анализирајќи ја историјата на западната интелектуална мисла. Секако, сите три типа можат да се најдат и во ист човек во различни животни етапи, па дури и во различни расположенија. Но она што е важно, е дека таа личност е љубопитна, а дали нејзината љубопитност ќе биде одржувана и поттикнувана во голема мерка зависи од социјалниот статус и од поддршката од околината. Затоа што не секој е фален кога се однесува како Да Винчи, кој по цел ден водел белешки и скицирал, скокајќи од една област во друга и занимавајќи се (истовремено) и со математика, и со наука, и со музика и уметност. 

5 септември 2022 - 18:14