Не оти многу му беше по ќеф, но Дилан неодамна го оддржа говорот по повод добивањето на престижната награда, што е и услов за кеширањето на 800-те илјади евра што таа ги подразбира. Го „оддржа“ значи дека го сними само аудио и не дозволи никаков транскрипт. Сега оние кои внимателно го анализирале, велат дека тој не само што во голема мерка е плагијат, туку дека (можеби) е и скриен потсмев кон Комитетот, бидејќи е препишан од - Спарк ноутс.
Како што пишувавме тука, во говорот Дилан се навраќа на три најголеми книжевни влијанија од своето детство: Одисејата, На запад ништо ново и Моби Дик. Веднаш по објавувањето на аудио снимката, писателот Бен Гринмен забележа дека тој употребува лажен цитат од Моби Дик. Инспириран од ова, коментатор на Слејт оди чекор понатаму, и почнува да го споредува говорот со кратката содржина на „Моби Дик“ наведена на сајт по име Спарк ноутс, којшто самиот за себе вели дека е помагало за секој ученик и студент кој има проблем со одредена задолжителна книга, затоа што нуди кратки содржини, белешки и преводи на класични дела (на пример од оригиналниот Шекспир на „нормален“, современ англиски јазик).
Ваквите сајтови (исто како и веројатно уште попопуларниот Cliff Notes) се толку (зло)употребувани од страна на тинејџери кои не сакаат да ги читаат оригиналните дела што „клифс ноутс“ е жаргонски термин и за груба скица на одреден настан или ситуација, но и за школско мамење. Дека Дилан школски мамел покажува следната анализа, според која од 78-те реченици во говорот во кои се опишува Моби Дик, дваесетина се речиси препишани од Спарк ноутс. Има и наводи кои воопшто не постојат во оригиналниот роман.
„Кражбата во име на уметност е древна традиција“, заклучува коментаторот, додавајќи дека Дилан е мајстор за истото уште од 1960-тите. Исто така често бил и отворен за своите „позајмици“, како кога го крсти албумот „Љубов и кражба“ сосе наводниците, имплицирајќи дека тој е преземен од познатата историја на расната апропријација на Ерик Лот.
И не само што се однесува до насловите и стиховите - Дилан ги има претворено фолклорните напеви и куп опскурни мелодии собрани од ваму-од таму во снимки кои ќе станат многу попознати од нивните оригинали. Неговиот прв албум имаше само две оригинални песни и дури 11 кавери. Во последниве години тој им се навраќа на преработките, како што тоа го прават голем број легенди, па неговите последни три албуми се целосно составени од стандарди.